Ревизија бара да се преиспита како се распределуваат парите за реклами на изборите
Да се преиспита начинот на распределба на средствата за платено политичко рекламирање на учесниците во изборните кампањи, но и да се усогласат законите кои го уредуваат оданочувањето на изборните активности, бара Државниот завод за ревизија (ДЗР). Ревизорите објавија и дека над 129 милиони денари од буџетот наменет за изборни активности во 2024 биле пренасочени кон трошоци за политичко рекламирање.
Препорачано
По извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Државна изборна комисија, на сметката на основен буџет за 2024 година, од ДЗР потсетуваат дека изборните пари се распределуваат по претходен писмен договор.
Односно, најмногу 45 отсто од рекламниот колач може да искористат двете најголеми политички партии од власта со највеќе гласови за пратеници на последните избори. Исто толку (најмногу 45 проценти) по истиот принцип одат за двете опозициски партии, најмногу 7 отсто кај партиите кои немале доволно пратеници да формираат пратеничка група и – 3 проценти за партиите кои не се застапени во Собранието.
„Распределбата на вкупните средства според принципот 45%, 45%, 7% и 3%, не обезбедува објективни критериуми за распределба на јавните средства, давајќи значителна предност на најголемите парламентарни партии, притоа ограничувајќи ги можностите на останатите партии и независните кандидати да ги претстават своите програми на радиодифузерите, електронските и печатените медиуми“, забележува ДЗР.
„Одредбата за склучување на претходен писмен договор помеѓу учесниците во изборната кампања, создава можност распределбата на средствата да се врши на различен начин и % (процент) помеѓу политичките партии во позиција/опозиција/политичките партии во Собранието на Македонија кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група/политичките партии кои не се застапени во Собранието или кандидати, без притоа да постои јасно утврдени мерливи критериуми за распределба на овие средства“, дополнуваат од Ревизија.
Освен ваквите системски слабости, од ДЗР изразија неповолно мислење за „реалноста и објективноста на финансиските извештаи на Државната изборна комисија и за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики“.

„Пописот на средствата и обврските не е извршен на начин пропишан со законските и подзаконските акти. Не е извршена процена на вредноста на дел од недвижностите. Планирањето и одобрувањето на средствата за спроведување на изборите во 2024 година не се врши согласно законски утврдениот сооднос“, стои како заклучоци од извештајот.
Воедно, ревизорите утврдиле дека ненавремено и некомплетно е доставена потребната документација за трошоците за спроведените изборни дејствија на изборните органи.
„Набавени се стоки и услуги за кои не е спроведена јавна набавка и недоследна примена на одредбите од Законот за јавни набавки во одредени постапки“, стои во извештајот.
Инаку, освен за изборите од 2024, критики за политичкото рекламирање стигнаа и за последните локални избори – од ОБСЕ. Оттаму нагласија, јавните средства сочинуваат значаен дел од вкупното финансирање, но нивната распределба ги фаворизира поголемите партии, оставајќи „само ограничени можности“ за малите партии и независните кандидати.
Кој и каде се рекламирал најмногу за локалните избори? Стигнаа резултатите од државниот мониторинг
„Системските слабости во финансирањето ги фаворизираат владејачките партии и ја ограничуваат политичката конкуренција“, посочија од ОБСЕ.


