Министерство за односи меѓу заедниците, фото веб-страница на Министерството
Министерство за односи меѓу заедниците, фото веб-страница на Министерството

Некој здиплил 30 лаптопи од Министерството за односи меѓу заедниците, бензин се точело „кому иде“, а тендерите се посебна приказна

Околу 30 лаптопи се „здиплени“ од Министерството за односи меѓу заедниците, 61 процент од 244 вкупно вработени во институцијата можеби одат на работа, а можеби не одат, зашто иако има систем за евиденција на присуството, тие не се отчукуваат за влез и излез, горивото се точи без да се знае во чии резервоари, со што се отвора сомнежот дека можеби се полнат приватни резервоари и по пописот фалат средства на Министерството во износ од 25 милиони евра. Ова го констатирал Државниот завод за ревизија во најновиот ревизорски извештај за оваа институција за работата во 2024 година. Во извештајот пишува дека недостасуваат 30 лаптопи и не се знае на кого му се доделени, а ѝ припаѓале на институцијата.

Кога Министерството го одбележувало „Охридскиот рамковен договор“ и „Денот на албанската азбука“, се исплатиле 5.2 милиони денари кон фирми за фактури, ама во фактурите немало ни спецификации за ноќевања, ни листи на гости, ни договори за ангажирани експерти кои би потврдиле дека услугите реално се извршени. Кога го распишувале тендерот за настаните, одговорните во институцијата не дефинирале во тендерската документација прецизни количини, а надзор над договорите не вршел никој.

Ваквата состојба оневозможува потврда дека потрошените средства се согласно потребите и истите се искористени согласно буџетските начела, пишува во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Од ревизорскиот извештај произлегува дека имало едно „чудо од јавна набавка“ – за сервисирање на возила понудената цена од фирмата била 0.01 денар за 1 работен час, а имало и јавна набавка со провизија од 0.01 процент од износот на угостителската услуга. На комисиите во Министерството ова не им било чудно и не побарале објаснување за понудената невообичаено ниска цена.

Притоа, во дел од фактурите за сервисирање на возилата за 2024 година вршена е замена на делови кои не се предвидени со листата во тендерската документација, за дел од ставките фактурирани се цени кои се неколку пати повисоки од прифатената понуда, а за извршените услуги не се доставени работни налози како прилог на фактурите, наведува Ревизорот.

На име трошоци за нафтени деривати исплатени се средства во износ од 516 илјади денари, без да се врши контрола на регистарските таблици и видот на набавеното гориво поради што овозможено е моторни возила што не се во сопственост на Министерството или возила за кои нема податок за регистарски броеви да полнат гориво, односно да набавуваат течен нафтен гас кој не е предвиден како вид на гориво во склучениот договор за набавка.

Исто така, при изборот на најповолен економски оператор за набавка на услуги од авторска агенција, иако како критериум е наведен поседување лиценца А, Б, В или Г за вршење привремени вработувања, комисијата за јавни набавки не побарала да се достават бараните лиценци како доказ за исполнување на условите за учество во постапката за јавна набавка. Вредноста на склучениот договорот е 11 милиони и 800 илјади денари.

Во Министерството нема внатрешна ревизија, зашто внатрешните ревизори немаат положено испит за овластен внатрешен ревизор и го немаат потребното искуство. Дополнително, Министерството нема донесено интерни процедури што се однесуваат на работните процеси од неговата надлежност, не се воспоставени exante и ex-post контрола на финансиските трансакции, на расходите и на приходите, не постојат јасно разграничени надлежности меѓу вработените, така што повеќе работни задачи се извршуваат од страна на исти лица, додека пак раководителот на Секторот за финансиски прашања како обучено лице за вршење на работите од областа на јавните набавки извршува работи и задачи и во делот на планирањето, спроведувањето и реализацијата на јавните набавки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот