Институциите „не ги фермаат“ укажувачите, само една петтина имаат назначено луѓе за пријави од „свиркачи“
Иако укажувачите, или познати како „свиркачи“ се меѓу најефективните за разоткривање на корупцијата и борба против неа, од вкупно 1.320 институции, бројот на оние што имаат овластено луѓе за пријави од укажувачи е 270, што е само 20 отсто. Вкупниот број на вакви назначени луѓе во Македонија во 2025 година бил 280, што значи дека во одредени институции има по двајца или повеќе, додека во поголемиот дел воопшто нема.
Препорачано
Ова денеска како забелешка го кажа Адем Чучуљ, претседателот на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), која ја одржа својата 30-та јавна седница.
„Може да се забележи дека постојано расте трендот на зголемување на ваквите позиции, од 217 во 2024 година, до 270 во 2025 година, но трендот сѐ уште не е на задоволително ниво, од причина што само една петтина од институциите имаат назначено лица за пријави од укажувачи“, забележа Чучуљ.
Само 27 пријави од „свиркачи“ се евидентирани низ целата ланска година, што значи дека граѓаните не се охрабрени да кажуваат за корупција и системски аномалии. До Антикорупциска лани стигнале 15 пријави од надворешни укажувачи.
Друг проблем е што институциите не ја фермаат ниту обврската до Антикорупциската комисија да праќаат полугодишни извештаи поврзани токму со укажувачите. Во првите шест месеци од 2025 само 108 институции ја исполниле својата должност, а во вториот дел од годината – 164 институции.
„Овој број е незадоволителен“, кратко коментираше Чучуљ.
Законот за заштита на укажувачи беше донесен во 2015 година, а стапи во сила во 2016 година. Сепак, иако на неколку пати беше изменуван, тој остана да биде критикуван, особено од експертската јавност и невладиниот сектор.
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата на крајот од 2025 година побара итно да се донесе Предлогот на Закон за заштита на укажувачи, за кој рекоа дека е клучен чекор против корупцијата.
„Сметаме дека со носењето на вакво законско решение, со кое се подобрува статусот и заштитата на укажувачите како вредна алатка против корупцијата, ќе се пристапи кон подобрување и функционирање на уште еден механизам во борбата против корупцијата, а за што креаторите на политики и носителите на јавни функции искажуваат недвосмислена заложба“, стои во реакцијата на Платформата.
Во последниот Извештај за напредокот на Македонија, Европската комисија нотираше дека Законот за заштита на укажувачите сè уште треба дополнително да се усогласи со „EU acquis“ (Правото на Европската Унија) и да обезбеди соодветни механизми за спроведување.


