Инспекторатот за градежништво треба да спречува дивоградби и урбанистички хаос, а кубури со инспектори, утврдија ревизорите
Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ) има проблеми со рокот за работа на в.д. директорите, нема завршено проценки на пазарната вредност на градежни објекти, а несоодветно е организиран и инспекцискиот надзор, чија ефикасност е ставена под прашалник, бидејќи институцијата што треба да спречува дивоградби и убанистички хаос кубури со инспектори.
Препорачано
Ова се дел од заклучоците на Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој правеше проверка финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Државен инспекторат за градежништво и урбанизам за 2024 година, на сметката на основниот буџет.
„Утврдени се слабости во начинот на организација на инспекцискиот надзор од областа на урбанизмот, како и со недоставени шестмесечни извештаи за податоците што се однесуваат на постапувањето по претставките и предлозите“, стои во дел од извештајот на ревизорите.
Од систематизирани 19 работни места за инспектори, ДЗР утврдило дека во 2024 година инспекцискиот надзор го вршат пет инспектори и тоа, три во областа на градежништвото, од кои едно работно место „градежен инспектор“ од август 2024 е ставено во мирување, но и две во областа на урбанизмот.
„Ревизијата истакнува дека во моментот на вршење на ревизијата, инспекцискиот надзор во областа на градежништвото се спроведува од еден инспектор, кој до крај на 2025 година се стекнува со право на старосна пензија, со што ДИГУ останува без градежни инспектори, односно без можност од спроведување на инспекциски надзор во областа на градежништвото“, се вели во извештајот.
Од областа на урбанизмот, од Инспекторатот биле утврдени неправилности за изработка на ДУП-ови, при избор на членови на Комисии за урбанизам, како и за урбанистички планови донесени без партиципативно тело. Сепак, при увид на 14 предмети, каде одредена општина била задолжена да презеде мерки, до ревизијата постапено било по само четири предмети.
Воедно, ревизoрите имаат забелешки и во надзорот поврзан со градежништвото и дивоградбите.
„Со увид во 17 предмети за извршен инспекциски надзор од ДИГУ, кај шест предмети се утврдени неправилности кои се однесуваат на бесправно изградени објекти. До моментот на вршење на ревизијата, од општините постапено е само по четири предмети, а за еден предмет поради непреземени мерки од овластениот градежен инспектор истиот е доставен до МВР за понатамошно постапување. Оттука, истакнуваме потреба од кадровско екипирање на инспекциската служба, но и да се зајакне соработката и координацијата помеѓу органите надлежни за надзорот на спроведувањето на законите“, утврдуваат ревизорите.
Ревизијата отвора прашање и за начинот на управување и раководење со Инспекторатот.
„Од 2018 година функцијата директор на ДИГУ ја вршат в.д. директори подолго од законски дозволениот рок од шест месеци, што создава ризик раководењето со ДИГУ да биде извршувано од лица кои не ги исполнуваат законски дефинираните услови“, посочуваат од ДЗР.
Oд таму објаснуват дека, во случај на разрешување на директорот, во рок од седум дена Владата именува в.д. директор до изборот на нов директор, но не подолго од шест месеци, а со одлуката за разрешување, Владата донесува и одлука за јавен оглас за избор на директор согласно утврдените услови и постапка.
„Ревизијата истакнува дека последен пат директор на ДИГУ е именуван во 2018 година со Решение од 20.02.2018 година и истиот е разрешен на 15.05.2018 година. До моментот на вршење на ревизијата, функцијата директор ја обавуваат вршители на должност назначени со Решенија од Владата и тоа за периоди подолги од шест месеци, со што се создава ризик раководењето со ДИГУ да биде извршувано од лица кои не ги исполнуваат законски дефинираните услови“, стои во извештајот.
Воедно, ревизорите утврдиле слабости за тоа како се врши попис на средства, како и во пресметката и исплатата на плати на Инспекторатот.


