Не стивнуваат реакциите: Немаат ништо против е-учебници, ама не се ни за!

Фото: Unsplash

Јавноста се подели околу предлогот на Министерството за образование и наука (МОН) од есен четвртоодделенците, со кои треба да почне реформата во образованието, наместо печатени да користат дигитални учебници. Со свои ставови излегоа експерти, но и родители, кои формираа Фејсбук-група на која за неполни 24 часа се придружија 24.000 члена.  Главната цел на групата е да се спречи онлајн-наставата и е-учебниците.

Ставот на МОН останува непроменет – дигиталниот учебник ќе му биде само од корист на секој ученик, а за сите оние кои немаат услови, државата ќе им обезбеди технички средства.

Дополнителна алатка

Професорката Мирјана Најчевска во својата колумна за „Цивил медиа“ напиша дека учебникот треба да се прилагодува, да се развива, да се менува.

„Според мене, дигиталниот учебник е токму таква алатка. Алатка која ги користи современите технологии да го оспособи детето да функционира во 21. век и да му даде најдобра можна шанса за понатамошно лесно користење на сите можности кои му стојат на располагање“, напиша Најчевска.

Со неа се согласуваат и некои родители, кои велат дека мораме да бидеме во чекор со технологијата.

– Доаѓаат нови времиња кои бараат и промени. Сите имаме отпор кон промените т.е. кон новото и за нас недоволно познато, ама колку побргу го прифатиме толку е подобро за сите. Откако ќе се случат промените гледаме и сфаќаме дека сме отишле чекор напред, а поинтелигентните и повеќе чекори напред. Тоа не е само закон на општеството, туку и на природата – вели родителката на основец Верица Ѓорѓиевска.

Повеќето од оние со полиберален став за дигиталацијата сметаат оти ќе биде најдобро е-учебникот да се искористи како дополнителна алатка, а не како единствен начин за учење.

– Печатените учебници се неопходни за учениците не смееме целосно да ги отфрлиме – вели родителот Горан Стојковски.

Со него се согласуваат повеќе родители кои коментираат дека дигиталниот учебник е во ред, но печатени учебници сепак мора да има.

Собираат приврзаници за петиција

Целта на Фејсбук-групата „Учебници и настава мора да има!“ е да се потпише петиција, за која се надеваат оти ќе допре до МОН за да почне постапка за враќање на традиционалното учење.

„Јас, како дипломиран воспитувач, се охрабрив прва да пишам за проблемот кој ќе нè  уништи сите, и децата и возрасните. Се обидувам да го замислам животот на децата без учебници и не можам да замислам како ќе функционираат,“ напиша Драгана Спасевска.

Сè додека молчиме, нашите деца ќе продолжат да бидат експериментални глувци. Се радувам што читам коментари од луѓе кои не сакаат да ги остават своите ученици во канџите на несовесното министерство, предводено од Царовска – вели за „Слободен печат“, Слободан Матев, родител на основец и еден од членовите на оваа група.

Гласот на родителите го поддржуваат и повеќето експерти од стручната фела, кои јавно го изразија својот став против целосната дигитализација.

„Доколку ги оставите децата и адолесцентите без учебници… пројавувате фашистичко однесување…експеримент врз деца, злочин врз деца налик на Аушвиц. Кој ви го дава тоа право. Станувате монструми“, реагира на социјалните мрежи професорот и психотерапевт Викторија Вујовиќ.

Својот став го изрази и професорот по теоретска механика на Техничкиот факултет во Битола, д-р Дејан Трајковски.

„Не само што мора да постојат печатени учебници, туку тие не смеат да им се одземаат на учениците на крајот на учебната година. Токму затоа што им се одземаат, во последниве години гледаме генерации студенти коишто немаат поим ни што се учело, ни во која година нешто се учело, а најчесто првпат слушаат дека воопшто се учело“, реагира Трајковски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот