Не се само кумановците – компјутерџии, земјоделци, градежни работници, занаетчии, но и универзитетски професори се во групата со застарен данок

По протестите на граѓаните од Куманово минатиот месец поради решенија за плаќање персонален данок за приходи од минати години за работење во Ирак и Авганистан, во јавноста се отвори пошироко прашање, дали ваквата состојба ги засега и другите професии и категории граѓани во Македонија. Правните и даночните експерти појаснуваат дека проблемот не е ограничен само на лицата кои работеле во Ирак и Авганистан, туку дека станува збор за поширока појава поврзана со роковите за застареност на даночните обврски.

Според Законот за даночна постапка, правото на државата да утврди и наплати данок, како и правото на граѓаните да побараат поврат, застарува по истек на пет години, сметано од крајот на годината во која настанала даночната обврска. Доколку во тој период не е поведена постапка или нема прекин на рокот, побарувањето се смета за застарено.

Токму овој рок, велат експертите, става во слична позиција и други професии.

Кои категории граѓани може да бидат засегнати?

Покрај работниците во странство, во ризичната група може да влезат и фриленсери и хонорарци кои примале уплати од странство, ИТ-експерти и консултанти со странски договори, сезонски работници во земјоделство и градежништво, самовработени лица и занаетчии со нерегуларни пријави, но и универзитетски професори.

Директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова неодамна изјави дека на граѓаните кои платиле данок на доход во странство, а на кои сега им е дојдено даночно решение и од УЈП, сè уште имаат време да ги приложат доказите до канцелариите на УЈП.

„Празна ви е касата, затоа даночите”: Печалбарите од Куманово бараат УЈП по службен пат да си ги обезбеди потврдите за платен данок од Ирак и Авганистан

Петрова тврди дека не може да се изврши двојно оданочување, а доколку има случаи во кои граѓаните веќе го платиле данокот на доход во странство, а сега постапиле и по решението од УЈП, ќе бидат разгледани сите докази и ќе се изврши оданочување само на едно место.

– За оние кои платиле во странство и сега платиле во земјава, ќе бидат земени предвид сите докази. Зависно од меѓународниот договор – доколку со земјата имаме склучено меѓународен договор, каде треба да се плати данокот, а каде да се изврши поврат или доколку е возможно, платениот данок во странство да се прифати како даночен кредит, а за уплатата која е извршена овде да се изврши враќање или да се прифати за друг долг за следна година – појасни Петрова.

Вели дека како институција се свесни за реакциите на граѓаните, но додава дека морале да го почитуваат законот и да ги достават решенијата во законскиот рок, односно пет години по истекот на годината кога доходот е остварен.

Право на жалба и правна заштита

Даночните советници нагласуваат дека граѓаните не бегаат од плаќање данок, но имаат право да бараат законитост и почитување на роковите. Доколку данокот се бара по истек на рокот за застареност, граѓаните можат да поднесат приговор, жалба до УЈП или да побараат судска заштита.
За протестите на овие граѓани и за нивните најави дека ќе поднесат тужби пред Управниот суд, директорката на УЈП вели дека тоа се легитимни права на граѓаните.

– Ниту можеме, ниту сакаме да ги спречиме граѓаните да поведат управен спор доколку имаат докази за тоа. Сепак, повикани се и кај нас да ги достават доказите за да видиме дали имаат платен данок во странство – рече Петрова.

 

Случајот со Куманово ја отвори дебатата за потребата од навремено информирање и постапување на институциите, но и за поголема даночна писменост кај граѓаните. Експертите порачуваат дека клучот не е во професијата, туку во времето и законските рокови.

Нема нов закон, стариот мора да се почитува

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, напомена дека не се работи за законска измена и дека граѓаните треба да ги знаат нивните обврски кон државата.

– Ние досега не сменивме ниту еден закон. Даночните обврзници треба да ги знаат законите и да ги почитуваат. Кога станува збор за потврдите за остварување на доход во странство, секој од нас треба да знае дека кога го остварува доходот во странство, во исто време треба да обезбеди и потврда во годината во која го остварил со цел да го поднесе до Управата за јавни приходи. Што значи дека ова не е нова давачка која ние ја сменивме во Собранието. Станува збор за почитување на законите, нагласи Димитриеска-Кочоска.

Персоналниот данок на доход е уреден со Законот за персоналниот данок на доход кој ја регулира обврската на физичките лица да плаќаат данок на доход остварен во една календарска година. Со овој закон се пропишува дека данокот се плаќа на нето-приходите од различни извори (работа, самостојна дејност, имот и др.).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот