„Празна ви е касата, затоа даночите”: Печалбарите од Куманово бараат УЈП по службен пат да си ги обезбеди потврдите за платен данок од Ирак и Авганистан
Управата за јавни приходи, по дипломатски пат и службено да си ги обезбеди потврдите за платен данок на печалбарите од Куманово, затоа што фирмите во кои тие работеле во 2020 година (периодот за кој им се стигнати барања за оданочување) веќе не постојат или немаат претставници во Ирак, Авганистан и Африка. Ваквото барање тие го искажаа на протест, објави СДК.
Препорачано
Зоран Наковски кој во 2020 година добил потврда дека фирмата за која работел платила 10.500 долари данок, вели дека УЈП не му ја признава потврдата и му бара да обезбеди документ од даночното одделение на Ирак, што не може да го направи зашто фирмата таму нема претставник повеќе.
-Државата по дипломатски пат да ги обезбеди потврдите за платен данок од посочените земји, побара тој.
Наковски додава дека иако се доставени докази за долгорочен престој надвор од државата, тие не се земаат предвид, туку се бара формална одјава, иако тоа не е законски критериум.
Институциите признаваат дека немаат целосни податоци за влез и излез од државата, особено за 2020 година. Како тогаш граѓаните да докажат нешто што самите институции не го евидентирале? Дополнително, од луѓето кои работеле во воените зони во Ирак, Авганистан и Африка се бараат документи од компании кои повеќе не постојат или не функционираат, а документите што ги добиваме за платен данок од нашите фирми не се прифаќаат“, изјави Зоран Наковски за СДК.
Кумановка која повеќе од 15 години била на печалба реагираше зошто не биле оданочени навреме, додека ги примале платите, а не сега кога парите веќе се потрошени. Таа ја обвини Владата дека ги оданочува ретроактивно затоа што државната каса е празна.


