Жена пишува/Фото: JESHOOTS.com/Pexels

Научниците утврдија што може вашиот ракопис да открие за ризикот од деменција

Кога група постари лица во Португалија полагале тестови за пишување, научниците пронашле врска помеѓу начинот на кој пишуваат и здравјето на нивниот мозок.

Брзината и сложеноста на вашиот ракопис би можеле да бидат показател за здравјето на вашиот мозок, покажало ново истражување.

Научниците дошле до овој заклучок откако група постари лица решиле низа задачи за пишување со различна тежина.

Кога станувало збор за најсложената задача – пишување реченица што им била диктирана – научниците пронашле силна врска помеѓу брзината и стилот на пишување и когнитивното оштетување, објавува „Саенс фокус“.

„Пишувањето не е само моторна активност; тоа е прозорец во мозокот“, рекла водечката авторка на студијата, д-р Ана Рита Матијаш, вонредна професорка на Универзитетот во Евора во Португалија.

Како што навела, тие откриле дека постарите личности со когнитивно оштетување покажуваат специфични обрасци во временскиот распоред и организацијата на движењата во текот на пишувањето.

Ракописот вклучува повеќе когнитивни процеси, вклучувајќи моторна контрола, толкување на сетилните информации – без разлика дали се читаат или слушаат – и организирање на движењата на хартијата.

Но, токму затоа што станува збор за толку когнитивно тешка задача, научниците како Матијас веруваат дека може да послужи како показател за когнитивен пад во текот на стареењето.

„Временскиот распоред и организацијата на потезите се тесно поврзани со начинот на кој мозокот ги планира и извршува дејствата, што зависи од работната меморија и извршните функции“, објаснила Матијаш и додала дека овие когнитивни способности слабеат, пишувањето станува побавно, поиспрекинато и помалку координирано.

Во истражувањето учествувале луѓе на возраст од 62 до 92 години, меѓу кои 38 веќе имале некаков облик на когнитивно оштетување.

Учесниците извршиле два вида задачи користејќи дигитален молив и таблет.

Првата задача вклучувала само контрола на моливот – испитаниците имале 20 секунди да нацртаат 10 хоризонтални линии или најмалку 10 точки. Овие тестови не покажале силна врска со когнитивното оштетување, веројатно затоа што биле премногу едноставни.

Потоа научниците барале од учесниците да ја препишат реченицата од картичката и да ја запишат комплицираната реченица што им била диктирана.

Овој пат, биле забележани јасни разлики – особено во текот на сложената задача на диктактот. Особено се издвоиле три показатели: вертикалната големина на буквите, моментот кога учесниците почнале да пишуваат и колку време им требало за да ја завршат задачата.

„Задачите од диктатот се почувствителни бидејќи бараат мозокот да прави неколку работи истовремено: да слуша, да го обработува јазикот, да ги претвора звуците во писмена форма и да ги координира движењата“, рекла Матијаш.

Важно било и она што го напишале учесниците.

„Подолга, помалку предвидлива или јазично потешка реченица дополнително ги оптоварува когнитивните ресурси“, додала Матијаш.

Тимот научници се надева дека задачите за пишување би можеле да послужат како практичен, евтин и неинвазивен метод за откривање на когнитивниот пад.

Сепак, потребни се повеќе истражувања пред да се воведат вакви тестови во лекарските ординации, вклучително и долгорочни студии со поголеми и поразновидни групи испитаници.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот