Научниците открија два нови подтипови на мултиплекс склероза со помош на вештачка интелигенција
Научниците идентификуваа два нови биолошки подтипови на мултиплекс склероза со помош на вештачката интелигенција (ВИ), што би можело да го отвори патот за персонализирани третмани и подобри резултати за пациентите, пренесува „Гардијан“.
Препорачано
Истражувањето, што беше објавено во списанието „Брејн“, опфати 600 пациенти и комбинираше крвен тест за протеин познат како лесен ланец на серумски неврофиламент „сНФл“ (sNfL) и МРИ скенирање на мозокот, а податоците беа анализирани со алгоритмот за машинско учење „Сустаин“(SuStaIn).
Откриени се два подтипови: рана „сНФл“, кај која има високо ниво на протеини во раните фази на болеста и брзо појавување на лезии на мозокот, и доцна „сНФл“, кај која оштетувањето на мозокот се случува побавно и пред да се зголеми нивото на протеини.
Истражувачите проценуваат дека ова откритие би можело да им овозможи на лекарите попрецизно да ги следат пациентите и да применуваат целна терапија порано.
Водечкиот автор на студијата, Арман Ешаги, рече дека подтиповите базирани на биологијата на болеста даваат подобар увид од клиничките класификации базирани на симптоми.
Експертите од Здружението за мултиплекс склероза го оценуваат откритието како „возбудливо“ и истакнуваат дека тоа би можело да го унапреди развојот на нови, персонализирани третмани за пациенти ширум светот.


