Научници провериле дали автофагијата навистина придонесува за слабеење: Клиничките студии дадоа јасен одговор
Популарната диета позната како повремено гладување, односно автофагија, најверојатно не придонесува за поголемо слабеење кај лица со прекумерна тежина во споредба со класичните совети за исхрана, па дури ни во споредба со тоа да не се држи никаква диета. Ова го покажува новото истражување објавено од глобалната непрофитна истражувачка мрежа „Кокрејн“ (Cochrane).
Препорачано
Дебелината денес е еден од најголемите здравствени проблеми и водечка причина за смрт во земјите со високи приходи. Според податоците на „World Health Organization“ (СЗО), бројот на возрасни со дебелина во светот е повеќе од тројно зголемен од 1975 година наваму. Во 2022 година, дури 2,5 милијарди возрасни имале прекумерна телесна тежина, а од нив 890 милиони биле со тешка дебелина.

Во последниве години повременото гладување стана вистински хит, најмногу поради социјалните мрежи, инфлуенсерите и ветувањата за брзо слабеење и подобар метаболизам.
Истражувачите анализирале 22 клинички студии со вкупно 1.995 возрасни лица од Северна Америка, Европа, Кина, Австралија и Јужна Америка. Биле испитувани различни форми на повремено гладување, гладување секој втор ден, периодично гладување и јадење во ограничени временски периоди. Повеќето студии ги следеле учесниците до 12 месеци.
Резултатите покажуваат дека повременото гладување нема клинички значајна предност во однос на класичните препораки за исхрана, па дури ни во споредба со тоа да не се применува никаква диета.
Дополнителен проблем е што несаканите ефекти не биле доследно пријавувани во сите истражувања, па затоа е тешко да се донесат цврсти заклучоци. Вкупната база на докази е ограничена, има само 22 студии, од кои многу со мал број учесници.
– Изгледа дека повременото гладување едноставно не функционира кај возрасни лица со прекумерна тежина кои сакаат да ослабат. Може да биде прифатлива опција за некои луѓе, но моменталните докази не го оправдуваат ентузијазмот што го гледаме на социјалните мрежи, изјави Луис Гарењани од Универзитетската италијанска болница во Буенос Аирес.

Истражувачите потенцираат дека има многу малку студии што ги следат долгорочните ефекти. А бидејќи дебелината е хронична состојба, краткорочните истражувања не се доволни за да им помогнат на пациентите и лекарите во донесување долгорочни одлуки.
Повеќето испитаници во анализираните студии биле од бела популација и од земји со високи приходи. Со оглед на тоа што дебелината сè побрзо се шири и во земјите со ниски и средни приходи, потребни се дополнителни истражувања и во тие средини.
Авторите предупредуваат дека резултатите не може автоматски да се применат на целата популација, бидејќи ефектите може да варираат во зависност од полот, возраста, етничката припадност, здравствената состојба и навиките во исхраната.
– Со доказите што ги имаме во моментов, тешко е да се даде општа препорака. Лекарите ќе мора да пристапуваат индивидуално, од случај до случај, кога советуваат лице со прекумерна тежина за слабеење – изјави Ева Мадрид од единицата за синтеза на докази на Кокран Ибероамерика.


