Радиоастрономска станица - Фото: Pexels

Научничка ги оцени објавените досиеја за НЛО: Доказот за постоење на вонземјаните би било најзначајното откритие во историјата, но…

Министерството за одбрана на Соединетите Американски Држави неодамна го објави првиот пакет доверливи документи за неидентификувани летечки објекти (НЛО) или, како што денес ги нарекуваат, неидентификувани воздушни феномени. Станува збор за колекција од матни фотографии и нерешени извештаи.

Многу од нив, иако веќе ѝ се добро познати на јавноста, ја скокоткаа имагинацијата на ентузијастите, но не и на стручњаците.

Првиот пакет од серијата документи за НЛО не остави посебен впечаток ниту кај Келси Џонсон, професорка по астрономија на Универзитетот во Вирџинија и авторка на книгата „Кон непознатото: Потрага по разбирање на мистериите на космосот“, објави Универзитетот во Вирџинија.

Џонсон вели дека е скептична кон документите бидејќи „необјаснето“ не значи автоматски и „вонземско“.

„Како научничка која ги проучува појавите во вселената, во моментов немам објаснување за неколку од овие случаи, но тоа не значи дека тие се со вонземско потекло. Тоа всушност значи дека секако би сакала да имам повеќе податоци, бидејќи кога немаме докази, не можеме да ги тестираме нашите хипотези, од кои многу се далеку помалку егзотични од вонземјаните“, изјави таа.

НЛО – Фото: Pexels

Примерот со мисијата „Аполо 17“

Меѓу пријавените инциденти е и примерот каде што астронаутите од мисијата „Аполо 17“ во декември 1972 година „пријавиле дека забележале ’многу светли честички или фрагменти‘ како лебдат и ’се превртуваат‘ во близина на леталото додека тоа маневрирало“.

„Ова е еден од поинтересните случаи бидејќи доаѓа од астронаути, кои се внимателни и кредибилни набљудувачи. Но, самиот транскрипт укажува на уверливи, вообичаени објаснувања: мраз, боја или лушпи од материјал од самото летало или од ракетата-носител. Тоа не значи дека знаеме точно какви биле тие честички. Тоа значи дека научно одговорниот заклучок е дека случајот останува нерешен, а не дека укажува на вонземјани“, вели Џонсон.

Иако некои инциденти, како што се наведува, заслужувале подетална анализа, документите датираат од пред многу години и повеќе не постои можност за понатамошна истрага на тие случаи.

„Она што го открија документите е голем број случаи кои се формално нерешени. А тоа што се нерешени значи дека би можеле да бидат било што, некои од нив изгледаат вредни за понатамошна истрага. Ниту еден од нив, според мојата процена, не води до каков било кредибилен заклучок за вонземјани“, истакнува Џонсон.

НЛО – Фото: Pexels

Психолошката стапица на размислувањето

Иако документите откриваат многу малку, и понатаму постои општа фасцинација од вонземјаните. Џонсон наведе дека приближно 56отсто од американската јавност верува во постоењето на вонземјани.

„Мнозинството Американци сметаат дека постои вонземски живот, а речиси 50 отсто од американската јавност мисли дека е веројатно вонземјани да ја посетиле Земјата. Тоа е огромен дел од популацијата кој е однапред склон овие документи да ги гледа како вистински докази за вонземски живот“.

Културолошката заситеност со идејата за посети од вонземјани може да доведе до она што психолозите го нарекуваат „хеуристика (пристрасност) на достапност“, објаснува таа.

„Нашиот мозок е многу посклон пребрзо да донесе заклучок или одлука врз основа на она што прво ќе му падне на памет. А она што најлесно ни паѓа на памет се обично нештата кои се или многу впечатливи, емоционално набиени, или оние на кои сме често изложени“.

Поради оваа пристрасност, луѓето можат да бидат посклони да ги превидат пообичните објаснувања кои не им паѓаат веднаш на памет.

НЛО – Фото: Pexels

 

Што велат астрономите?

Тоа што е скептична кон документите не значи дека Џонсон не би ги поздравила доказите за постоење на вонземски живот.

„Би била одушевена доколку најдеме убедливи докази за вонземски живот. Тоа би било едно од најзначајните откритија во човечката историја. Но, колку повеќе сакаме нешто да биде вистина, толку повеќе мораме да се чуваме од пристрасноста на потврдувањето. Овие документи едноставно не обезбедуваат убедливи докази за вонземско потекло на феномените“.

И покрај општата фасцинација, се чини дека објавувањето на документите за НЛО не ја разбранува премногу имагинацијата на јавноста.

Таа нагласи дека меѓу астрономите реакцијата била слаба.

„Меѓу астрономите, мојот впечаток е дека ова објавување помина главно под очекувањата. Тоа не е затоа што астрономите не се заинтересирани, малкумина поминуваат повеќе време во проучување на ноќното небо од нас. Но, овие документи не го понудија оној вид јасни и проверливи докази кои би го промениле научниот дискурс“, јасна е Келси Џонсон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот