НАСА - Фото: Инстаграм/НАСА

НАСА ги менува плановите за враќање на Месечината – што носи новата мисија „Артемис 3“?

Додека светот сè уште зборува за мисијата „Артемис 2“, која однесе четиричлена посада до темната страна на Месечината, американската вселенска агенција НАСА веќе интензивно се подготвува за следниот чекор, но со значителни измени во првичниот план. НАСА ги претстави новите планови за мисијата „Артемис 3“ (Artemis III), според кои астронаутите овојпат нема да слетаат на Месечината, туку ќе останат во ниската орбита на Земјата за да ги тестираат клучните системи неопходни за идните патувања.

 

Астронаутот Кристина Кох ја набљудува Земјата од „Артемис 2“/Фото: Принтскрин/Инстаграм/НАСА

Џереми Парсонс, вршител на должноста помошник-заменик администратор на програмата „Од Месечината до Марс“, објасни дека за време на оваа мисија детално ќе се проверува функционирањето на повеќе вселенски летала истовремено, како и соработката со приватните партнери пред луѓето конечно да бидат испратени на лунарната површина.

Новиот план предвидува лансирање на вселенското летало „Орион“ со четиричлена посада, која сè уште не е официјално претставена. Леталото ќе остане во близина на Земјата за да им се даде дополнително време на компаниите „Спејс Екс“ (SpaceX) на Илон Маск и „Блу Ориџин“ (Blue Origin) на Џеф Безос за тестирање на нивните сопствени ракетни системи за спуштање луѓе на Месечината. Иако државните договори првично беа наменети само за ракетата „Старшип“ на „Спејс Екс“, НАСА одлучи повторно да ја отвори конкуренцијата поради забележаните доцнења во развојот. Во меѓувреме, „Блу Ориџин“ веќе се подготвува за тестирање на својот лендер „Блу Мун“ за време на претстојната роботска мисија подоцна оваа година.

НАСА – Фото: Инстаграм/НАСА

Посадата на „Артемис 3“ ќе помине многу повеќе време во вселената од претходните мисии за темелно да ги провери системите за одржување во живот, вклучувајќи ги резервите со вода, кислород и азот. Исто така, астронаутите за првпат во орбитата ќе го демонстрираат процесот на спојување на две летала заради дополнување на гориво во вселената, што е клучен чекор за идните долги патувања кон Месечината, а подоцна и кон Марс. Од агенцијата додаваат дека сè уште постојат прашања на кои треба да се одговори, како што се точното времетраење на мисијата, научните цели и начинот на комуникација со контролата на Земјата.

Овој нов опис на мисијата претставува голема промена во стратегијата, со оглед на тоа што токму „Артемис 3“ требаше да го означи историското враќање на човекот на Месечината, па така, долгоочекуваното чекорење по лунарната површина сега ќе мора да почека до мисијата „Артемис 4“, планирана за 2028 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот