Реката Дошница, една од најчистите реки се наоѓа во Демиркаписката клисура / Фото: Википедија

Наместо да се заштити, Демиркаписката клисура е под постојан притисок на енергетски проекти

Демиркаписката клисура повеќе од шест децении нема план за управување, ниту пак управувач со заштитеното подрачје, иако е едно од најзначајните живеалишта на ретки грабливи птици во Европа. Наместо да ја заштити, државата досега дозволи да се изградат два ветерни парка, магистралниот гасовод кон Грција, автопат, мали хидроелектрани, а наскоро можат да никнат и уште три ветропаркови на подрачјето во и околу самата клисура, покажува нова прекуграничнa истражувачка сторија.

Во селата од Јужен Банат во Србија и во регионот на Демир Капија во Македонија ветерните турбини влегоа во пејзажот побрзо отколку што локалните заедници стигнаа да учествуваат во одлуките за нивна изградба, пишува Storyteller.

Ветерната енергија во двете земји последниве петнаесетина години се промовира како еден од клучните столбови на енергетската транзиција, заедно со соларната енергија и покрај големите хидроелектрани. Истовремено, ветерните паркови сè почесто предизвикуваат контроверзи – од прашањата за просторното планирање и влијанието врз животната средина, до односите со локалните заедници и нетранспарентните сопственички и финансиски структури што стојат зад овие проекти.

Како што потенцираат истражувачите, ветерната енергија во Србија се развива повеќе од една деценија, но сè уште зазема скромен удел во вкупното производство на електрична енергија.

Сличен образец е видлив и во Македонија. Иако државата беше првиот актер во развојот на ветерната енергија преку ветерниот парк „Богданци“, нејзините вложувања во текот на претходнава деценија главно изостанаа. Втората фаза од тој проект беше реализирана дури минатата година, додека новите капацитети што се изградија во меѓувреме претежно доаѓаа од приватни инвестиции.

Божиновска: Нови ветерни турбини, повеќе струја, помалку загадување

Пример за бавен и неизвесен државен пристап е ветерниот парк „Миравци“. Од објавата на повикот за изработка на идеен проект во 2018 година до денес, проектот не влезе во фаза на изградба. Актуелната влада најавува негова реализација преку модел на јавно-приватно партнерство, со доминантна државна сопственост, но слични ветувања се дадени и за други проекти, без видливи чекори на терен.

Македонскиот Државен завод за ревизија во својот извештај за спроведувањето на зелената транзиција укажува дека клучниот проблем е во финансиската слабост на државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), која поради загубите нема капацитет самостојно да вложува во нови обновливи извори на енергија.

Истовремено, планираното затворање на термоелектраните до 2030 година отвора сериозен јаз во производството на електрична енергија. Државата тој недостиг се обидува да го надомести со олеснување на влегувањето на приватниот капитал во секторот на обновливи извори, преку регулаторни и административни механизми.

Официјалните планови за изградба на енергетски објекти покажуваат дека ЕСМ во наредните две години планира минимални вложувања во ветерната енергија, додека приватните инвеститори најавуваат ветерни паркови со вкупна моќност поголема од еден гигават, пишува во истражувачката сторија.

Демиркаписката клисура на југот на Македонија со закон е заштитена како споменик на природата уште во 1960 година, но и по повеќе од шест децении подоцна нема усвоен план за управување, ниту именуван управувач.

Во тој институционален вакуум, низ клисурата се изгради автопатот кон Грција, а последниве години просторот почна да се набљудува и како атрактивна локација за енергетски проекти – мали хидроелектрани и ветерни паркови.

Еколошките организации реагираа дури откога постана јасно дека инфраструктурните зафати се планираат без вистинска и функционална заштита на подрачјето.

Минатото лето климатската активистка Грета Тунберг ги посети граѓаните и еколошките активисти кои со недели протестираа против изградбата на мали хидроелектрани на реката Дошница. По ова, 13 македонски научници побараа итен прекин на реализацијата на овие енергетски капацитети додека трае валоризацијата на Демиркаписката клисура, со цел нејзино репрогласување за заштитено подрачје.

Експерти: Дошница да се остави намира и да се заштити, мали хидроцентрали да се забранат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот