Фото: Спас за Дошница / Фејсбук

Експерти: Дошница да се остави намира и да се заштити, мали хидроцентрали да се забранат

Група од дванаесетмина експерти од различни природонаучни дисциплини, вклучувајќи биолози, геолози, географи и хидролози, денеска упатија јавен апел изразувајќи длабока загриженост поради најавените планови за изградба на мали хидроенергетски централи во сливот на реката Дошница на планината Кожуф.

Како што наведуваат во соопштението, овие планови се актуелизираа во време кога е во тек сеопфатен процес на валоризација за прогласување на подрачјето на Демиркаписката Клисура за заштитено подрачје, кое го опфаќа целиот слив на долното течение на реката Дошница.

Како што објаснуваат групата експерти, Министерството за животна средина и просторно планирање го утврди прогласувањето на заштитено подрачје на територијата на Општина Демир Капија како приоритет во својата Програма за заштита на природата за 2024 година, а тековниот процес на валоризација има цел да ги идентификува значајните природни и пејзажни карактеристики на поширокото подрачје на Демиркаписката Клисура и да подготви стручна основа за негово идно прогласување за заштитено подрачје. Ова вклучува и детална анализа на долниот тек на реката Дошница, препознаена како една од најчистите и највредните водотеци во Македонија, богата со ендемски и ретки биолошки видови, исклучително значајна за зачувување на биодиверзитетот и водниот режим во регионот.

„Со оглед на тоа што сè уште не се утврдени степенот на заштита и зоните на заштита на идното заштитено подрачје, секоја интервенција која може да предизвика неповратна деградација или девастација на природните вредности – како што е изградбата на мали хидроцентрали – мора итно да се стопира“, вели проф. д-р Митко Караделев.

Експертите предупредуваат дека продолжувањето со вакви активности пред завршување на студијата за валоризација и пред донесување конкретни одлуки за зонирање и управување, може да резултира со непоправлива штета врз екосистемите, хидролошкиот баланс и потенцијалот за одржливо користење на подрачјето.

Затоа, експертите предлагаат итен мораториум на сите активности поврзани со изградба на мали хидроцентрали или други инфраструктурни зафати кои носат ризик од деградација на природните вредности. Притоа, потребно е прво да се заврши целосната валоризација на подрачјето, да се дефинираат границите и зоните на заштита и да се изработи соодветен план за управување со идното заштитено подрачје.

Групата апелира до надлежните институции, инвеститорите и пошироката јавност да го почитуваат овој научно-стручен пристап и да се воздржат од било какви зафати што можат да го компромитираат значењето и интегритетот на овој сè уште незаштитен, но извонредно вреден природен простор.

Експертите формално бараат Министерот за животна средина и просторно планирање да го стави текот на реката Дошница и пределот околу неа под привремена заштита, согласно член 97 од Законот за заштита на природата.

ВИДЕО/ФОТО: Грета Тунберг на блокадата на Кожуф, заигра и оро со нашите активисти

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот