Најголема донација досега: Поранешната сопруга на Џеф Безос подари 45 милиони долари на непрофитна организација
Поранешната сопруга на основачот на „Амазон“, Џеф Безос, милијардерка Макензи Скот, донираше 45 милиони долари на „The Trevor Project“, непрофитна организација која обезбедува превенција од самоубиства и кризна поддршка за ЛГБТК+. Донацијата беше објавена во понеделник, на 12 јануари и доаѓа откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп минатата година укина 25 милиони долари федерално финансирање за истата организација, ренесува „Пипл“.
Препорачано
Според „The Trevor Project“, ова е најголемата поединечна донација во 27-годишната историја на организацијата. Извршниот директор Џејмс Блек изјави дека донацијата пристигнува во клучен момент, поради зголемените потреби на ЛГБТК+ младите за кризна и психолошка поддршка.
„Оваа исклучителна донација доаѓа во пресуден момент и за нашата организација и за младите на кои им помагаме“, изјави Блек во соопштение објавено на официјалната веб-страница на организацијата.
Макензи Скот и претходно ја поддржала организацијата, кога во 2020 година донирала шест милиони долари.
„The Trevor Project“ е основана во 1998 година и обезбедува 24-часовни кризни услуги за ЛГБТК+ млади кои се соочуваат со проблеми поврзани со идентитетот, депресија и самоубиствени мисли. Освен директна помош, организацијата работи и на едукација на јавноста и застапување политики насочени кон превенција од самоубиства кај ЛГБТК+ популацијата.
Според проценките на организацијата, околу 40 милиони ЛГБТК+ млади ширум светот секоја година сериозно размислуваат за самоубиство. Блек нагласи дека и покрај големиот опфат, „The Trevor Project“ моментално може да помогне само на мал дел од оние на кои им е потребна поддршка.
„Тоа значи дека стотици илјади млади секоја година остануваат без помош што може да им го спаси животот“, рече Блек.
Донацијата доаѓа откако администрацијата на Трамп во јули минатата година укина 25 милиони долари наменети за „The Trevor Project“, вклучително и средства за ЛГБТК+ специјализирана програма во рамки на националната линија за превенција од самоубиства. Организацијата тогаш предупреди дека затворањето на програмата ќе има сериозни последици врз менталното здравје на младите од ризични групи.
„Превенцијата од самоубиства не е политичко прашање, туку прашање на човечки животи“, изјави тогаш Блек, оценувајќи ја одлуката како неразбирлива.
Блек истакна дека „The Trevor Project“ внимателно ќе ги искористи средствата, со фокус на зајакнување на основните кризни услуги и долгорочната одржливост на организацијата.
„Истражувањата покажуваат дека ЛГБТК+ младите имаат повеќе од четири пати поголем ризик од обид за самоубиство во споредба со нивните врсници. Оваа донација е силен чекор кон свет во кој секоја ЛГБТК+ млада личност ќе знае дека е сакана и поддржана“, порача Блек.


