Најдобрите македонски одбојкари се одјавија од Тампере, почнува проектот „ЕП 2023“

Поразите да бидат корисни и од нив да се учи, а и да се подобрат сите околности од проектот „Тампере“/Фото: facebook.com/volleyballmkd

Победите и поразите се рамноправен сегмент од секој натпревар. Токму затоа не мора да биде изненадување што македонските одбојкари загубија во сите настапи на 32 Европско првенство во Тампере (Финска), напротив, знаејќи ги сите околности, може да се заклучи дека во „Хакаметска“ арена се остварија прогнозите.

„Црвено-жолтите“ не беа фаворити, но не беа ниту во Љубљана (Словенија), па два пати се радуваа и без разлика што во одбојката најтешко се прават резултати против објективно посилни репрезентации, тогаш успеаја да слават и над европскиот вицешампион Словенија.

Сега ја немаше потребната енергија за таков впечаток, имамвме премногу осцилации во играта и понекогаш прерано се предававме што не е одлика на оваа генерација предводена од капитенот Никола Ѓорѓиев.

– Длабоките анлизите претстојат, сега само можеме да зборуваме за првични импресии. Јасно е дека треба да почнеме да работиме на создавање услови за да можеме да бидеме натпреварувачки порамноправни на наредното европско првенство на коешто ќе ја имаме улогата на коорганизатор – вели претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија, Петар Јовановски.

Како што најавија од федерацијата, македонската одбојка полека треба да се подготвува за наредните предизвици, во прв ред за Европското првенство во 2023 година на кое што ќе ја имаме улогата на коорганизатори.

Фактот што македонските одбојкари третпат по ред ќе играат на континенталните собири не е само чест, туку и обврска. А тоа значи поразите да бидат корисни и од нив да се учи, а и да се подобрат сите околности од проектот „Тампере“.

Одбојкарите загубија на сите пет натпревари на ЕП 2021/Фото: EPA-EFE/KIMMO BRANDT

Македонија нема врвна одбојка, нема финансии да ги реализира сите цели, но има срце, волја и знаење да создаде и да спроведе стратегија. Во прв ред тоа би значело поддршка за младите играчи коишто добија шанса и на турнирот во Финска.

Филип Савовски покажа дека има предиспозиции, освои 10 поени, беше нашиот најдобар сервер, но за врвен настап на голем собир потребна е постојана напорна работа на клупско ниво. Лука Костиќ беше помалку на теренот, но го освои првиот поен на европските шампионати, за разлика од Љубљана, беше во Тампере и тоа за него треба да биде поттик за да го искористи докажаниот бугарски одбојкарски методна работа, а со тоа да биде еден од нашите најголеми адути во иднина.

Веројатно во ротацијата ќе загубиме некои од повозрасните, а тие што ќе играат имаат обврска да пркосат на годините. Кратко и јасно, нашите најдобри одбојкари треба да останат свои, потоа сè ќе биде полесно остварливо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот