Најдобрите македонски одбојкари против Грција и Грузија за пласман на ЕП 2025
Најдобрата македонска машка одбојкарска репрезентација во понеделникот ги почна подготовките за квалификациските натпревари за пласман на следното Европско првенство во 2025 година.
На 17 август нашите најдобри одбојкари предводени од селекторот Хари Наковски ќе играат против Грузија, а на 25 август ќе ја пречекаат Грција.
За разлика од Европската златна лига годинава, во составот на Македонија ќе биде нашиот стандарден примач Александар Љафтов:
– Се собравме во Маврово, почнувавме со подготовките, според мене поважниот дел бидејќи ја пропуштив Европската лига. Следуваат квалификациите за Европското првенство, нè очекува многу напорна работа, нè очекуваат два важни натпревари против Грузија и Грција. Ќе се подготвуваме максимално, се надевам на две максимални победи, но треба само една победа и по четврти пат да бидеме на европските првенства – вели Љафтов.
Со биланс од една победа и пет порази, со освоени два сета, односно по еден бод против Белгија и против Хрватска на гости, Македонија заврши на 10. место во Европската златна лига, што е за една позиција повисоко од лани кога имаше два триумфи на домашен терен против истите противници.