Пат кон гробишта Камник/ Фото: Општина Гази Баба

На гробиштата „Камник“ ќе се влегува од една страна, а ќе се излегува од друга, нема веќе да се вози во двете насоки

Наместо да се вози во двете насоки како досега, кон и од гробиштата ќе се воспостави кружен тек на сообраќај со влез од улицата „Јужноморавски бригади“ и излез кон Сингелиќ кај „Клакер“.

Пристапниот пат кон гробиштата „Камник“ конечно се асфалтира, нешто што граѓаните, кои често го посетуваат овој простор на кој се наоѓаат вечните почивалишта на нивните блиски, со децении го бараа.

Всушност, не станува збор само за асфалтирање на патот, туку за сообраќајно-инфраструктурен проект што предвидува воспоставување кружен тек со влез од една страна и излез од друга, наместо да се вози во двете насоки како досега, со што треба да се намали сообраќајниот метеж, особено за празниците кога масовно се посетуваат гробиштата.

 Со овој проект, пристапот до гробиштата „Камник“ конечно добива современо и функционално сообраќајно решение. Се воспоставува кружен тек со влез од улицата „Јужноморавски бригади“ и излез кон Сингелиќ кај „Клакер“. Решение што значи поголема проточност, помал метеж и безбедно движење за сите учесници во сообраќајот – информира градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

Во првата фаза за реализација на овој проект ќе се вложат 8.164.884 денари, средства обезбедени со поддршка на Владата, а во втората дополнителни 7 милиони денари од буџетот на Општината за целосна доизградба на улицата.

Од Општината сметаат дека на овој начин гробиштата „Камник“ добиваат современо и функционално сообраќајно решение, со кое ќе се овозможи поголем проток на сообраќајот.

Скопје нема наскоро да добие крематориум, Градот нема таков договор со АД „Бутел“

Граѓаните го поздравуваат новото решение за гробиштата, а дел од нив предлагаат да се најде решение и за паркирањето, затоа што тоа е исто така еден од најголемите проблеми при посета на „Камник“.

 Само паркингот на горните гробишта да остане, инаку на Задушница пак ќе нема место, само на улицата едната страна се користи за паркинг – се вели во еден од коментарите.

Градоначалникот Стефковски информира дека во соработка со АД „Бутел“ работат и на подготовка на нова урбанистичка документација за проширување на гробиштата, каде што во моментов има околу 6.500 гробни места, но и за изградба на капела.

Ова не е само инфраструктура – ова е ред, достоинство и почит. Ставаме крај на хаосот и на метежот, особено за време на празници! Создаваме мирен и достоен простор за сеќавање на најблиските – вели Стефковски.

Со гробиштата „Камник“, како и со оние во Ѓорче Петров и најголемите во Бутел, раководи АД „Бутел“, на чија сметка многупати се упатуваат негативни реакции од скопјани, кои ги посетуваат гробовите на своите блиски. Во Програмата за управување и одржување на градските гробишта во Скопје за 2026 година беше наведена пресметка колку чини одржувањето сите три простори за погребување, меѓу кои и на „Камник“, гробишта што се распространети на вкупна површина од 70.000 метри квадратни од кои 1.975 метри квадратни сообраќајници и 6.419 гробни места.

Во одржувањето спаѓа одржување на комуналната хигиена, на зеленилото, на водоводната мрежа и осветлувањето. Според податоците изнесени во програмата за одржување на комуналната хигиена, на градските гробишта „Камник“ на годишно ниво се троши нешто повеќе од еден милион денари, додека за зеленилото околу 200.000 денари.

Гробиштата „Камник“ се снабдуваат со вода од градскиот водовод, но поради немање доволно јак притисок, по потреба се користи електрична пумпа. Во одржувањето на водоводната мрежа на градските гробишта спаѓа потрошената електрична енергија за напојување на електричните пумпи, 12-часовен надзор на работата и одржување на пумпната станица Бутел и интервенциите за поправка на евентуалните дефекти – е наведено во програмата, во која се додава дека за одржувањето на водоводната мрежа годинава се предвидени околу 240.000 денари.

Најмалку средства АД „Бутел“ издвојува за осветлување, околу 50.000 денари годишно.

Неодамна и Општина Ѓорче Петров реши да се позанимава со инфраструктурата на гробиштата што се наоѓаат на нејзина територија и започна со уредување на влезот на овој простор.

Гробиштата во Ѓорче Петров се протегаат на површина од 176.000 метри квадратни и располагаат со 10.210 гробни места и се втори по големина во градот, веднаш по „Бутел“. Но и за нив граѓаните имаат мноштво забелешки во однос на одржување на хигиената, особено за пристапот до оваа локација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот