Скопје нема наскоро да добие крематориум, Градот нема таков договор со АД „Бутел“

Договорот на Град Скопје со АД „Бутел“ истекува на крајот на оваа година, а според градските служби во него не се опфатени изградба на крематориум и на колумбариум за чување урни со пепел.

Скопје наскоро нема да добие јавен градски крематориум и колумбариум за чување на урните со пепел, затоа што тоа не е опфатено во петгодишниот договор помеѓу Град Скопје и АД „Бутел“ што завршува на крајот на 2026 година.

Во наредниот договор, според градските служби, би можеле да се опфатат и овие предлози што како амандмани беа предложени на последната седница на Советот на Град Скопје, а советниците изгласаа да се формираат насоки за идно регулирање на овој проблем.

Расправајќи за Програмата за управување и одржување на градските гробишта во Скопје за 2026 година, беа предложени неколку амандмани од Левица поврзани со кремирањето.

Советникот од оваа партија Андреа Јанков посочи дека Скопје веќе има сопствени гробишта, кои имаат тенденции за ширење, што зафаќа и земјиште и чини многу пари, и затоа по примерот на другите земји на градот му е неопходен крематориум.

Тој потсети дека ова е практика речиси во сите земји во соседството, при што Софија има крематориум од 1949 година, Белград од 1964, од 1978 Љубљана, од 1985 постои крематориум во Загреб, од 2018 во Тирана, од 2019 година во Атина и од пред две години во Подгорица. Исклучок се само Босна и Херцеговина, Косово и нашата држава.

Кремирањето, според него, има предности, затоа што на пример една урна со пепел зафаќа од 0,1 до 0,3 метри квадратни, а гробно место заедно со патеките околу од 6 до 10 метри квадратни.

Доколку ние имаме крематориум и ги следиме практиките од соседните држави каде погребувањето се врши од 10 до 25 проценти со кремирање, во зависност во која земја, ние би заштедиле, ако во првична имплементација одиме со 10 проценти, а потоа со воведување во практика се зголеми примената на кремирањето, некаде помеѓу 3 илјади и 6 илјади метри квадратни земјиште годишно, што сега го користиме за погребување – објасни советникот и додаде дека не е лоша идеја Град Скопје да формира и сопствено јавно претпријатие за кремирање.

Покрај тоа, тој смета дека крематориумот може да понуди и кремирање миленици, со сите запазени санитарни и еколошки услови, а на просторот на гробиштата би можел да се издвои простор наменет за гробишта за миленици.

 Сѐ повеќе луѓе имаат таква потреба, законот тоа не го предлага, но никаде не стои ни изречна забрана. Луѓето сега се снаоѓаат, па на јавни површини, навечер најчесто го прават тоа, закопуваат домашни миленичиња во Градски парк, на Водно и на други јавни површини. Така што реално е потреба и не гледам никаков проблем тоа да биде во склад со постојните површини што се користат како погребни површини – рече Јанков

Градските гробишта „Бутел“ се протегаат на површина од 830.000 метри квадратни, каде што има речиси 89 илјади гробни места, а доколку наскоро сериозно не се размисли за кремирање, голем проблем ќе биде и каде, колку и до кога ќе се проширува гробнмата површина. Од оваа површина околу 41 илјада се зеленило и околу 50 илјади квадрати се улички низ гробиштата. Покрај градските гробишта во Бутел, АД „Бутел“ располага и со гробишта во Ѓорче Петров на површина од 176.000 метри квадратни со 10.210 гробни места, како и со гробиштата „Камник“ што се распространети на 70 илјади квадрати каде што има 6.419 гробни места.

ФОТО | Гробиштата во Бутел „тонат“ во густи и високи треви, надлежните тврдат дека редовно се одржува просторот

Во програмата за управување и одржување на градските гробишта во Скопје за 2026 година, предложена од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, се наведува дека основна цел и приоритет на „Бутел“ АД, во соработка со Градот Скопје, чија изворна надлежност е да ги одржува и уредува градските гробишта е успешно и ефикасно вршење на оваа дејност, која е од посебно значење за граѓаните на Скопје.

Во програмата е наведена и пресметка колку ќе чини одржувањето на хигиената на најголемиот простор за погребување во Скопје.

За гробиштата „Бутел“ за рачно миење со црево и метење на сообраќајниците, за чистење, собирање и утовар на сметот и негово транспортирање, како и за чистење на снегот во зимските услови, е предвиден износ од 12.200.499 денари или околу 200.000 евра. Уште 4,5 милиони денари се предвидени за одржување на зеленилото на овие гробишта и околу 900 илјади денари за одржување на водоводната мрежа. И нешто помал износ за осветлување.

Сепак, граѓаните што ги посетуваат вечните почивалишта на свои блиски што се починати, постојано се жалат на одржувањето и хигиената на гробиштата, но и на оштетени гробни места, на украдени бисти и кучиња скитници по гробиштата. По социјалните мрежи честопати можат да се видат фотографии од неискосено зеленило и ѓубре околу гробните места.

Од АД „Бутел“, пак, во неколку наврати ни одговориле дека редовно чистат и го одржуваат зеленилото и вината ја префрлаат кон несовесните граѓани, кои по посета на гробиштата зад себе оставаат отпадоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот