На 55.407 потрошувачи лани им била исклучена струјата поради неплаќање
Тоа е подобро, ако се земе предвид дека во 2024 година имало дури 98.272 исклучени потрошувачи поради неплаќање.
Минатата година 55.407 потрошувачи биле исклучено поради неплатени сметки, покажува Годишниот извештај на Регулаторната комисија за енергетика. Нивниот удел во однос на просечниот број приклучоци (928.787) изнесува шест проценти. Тоа е подобро, ако се земе предвид дека во 2024 година имало дури 98.272 исклучени потрошувачи поради неплаќање.
Препорачано
Потрошувачите пак, имале приговори во однос на фактурите. До Регулаторната комисија стигнале 747 преговори „по што универзалниот снабдувач презеде низа мерки како воведување информација во фактурата дали истата е изготвена врз основа на отчитана состојба на броилото или на проценета состојба, воведување на дигитална услуга „Корекција на фактура“, информативни кампањи за потрошувачите итн“, пишува во Извештајот.
„ЕВН хоме“ како универзален снабдувач и снабдувач во краен случај со електрична енергија и во текот на 2025 година ги снабдуваше домаќинствата и малите потрошувачи кои не избрале снабдувач на слободниот пазар, одлучиле да бидат снабдувани од универзалниот снабдувач или поради одредени околности останале без снабдувач со електрична енергија. Целокупните количества на електрична енергија потребни за домаќинствата и малите потрошувачи ЕВН хоме ги обезбедува од државната ЕСМ.
„Во последните две години ЕВН хоме ДОО Скопје набавува електрична енергија и преку берзата на електрична енергија, при што во 2025 година има набавено околу шест пати повеќе електрична енергија споредено со 2024 година. Од вкупната количина на електрична енергија на ЕВН хоме ДОО Скопје во 2025 година 91,53 проценти е за категоријата домаќинства, 8,47 проценти од продажбата е за малите потрошувачи“, пишува во Извештајот на Регулаторната комисија.


