Фото: Trifunovic/Beta Photo / Sipa Press / Profimedia

Му се лизга ли власта на Вучиќ од рацете?

Насилството во Србија беше последица на зголемената сила и решителност на опозицијата. Во претходните години, локални избори во мали средини, какви што беа и овие на 29 март, обично служеа како показна вежба за неспорната доминација на партијата на претседателот Александар Вучиќ бидејќи таа беше единствениот вистински играч на терен и лесно победуваше на вакви избори.

Локалните избори во Србија во неделата беа одбележани со толку многу инциденти, физичко насилство, прекршувања на законот и сомнежи за манипулации, што тешко може да се зборува за регуларен изборен процес и за демократска атмосфера, но и дека можеби паѓа поддршката за Александар Вучиќ.

Гласањето во Србија во неделата се одржа во 10 градови и општини низ земјата. Тоа се сметаше за тест за претседателот Александар Вучиќ по повеќе од една година младински улични протести што го разнишаа неговиот цврст стисок врз власта. Вучиќ прогласи победа за неговата десничарска популистичка партија Српска напредна странка (СНС) во сите 10 општини. Српскиот претседател лично ја водеше кампањата, настојувајќи повторно да ја потврди својата власт по протестите што почнаа во ноември 2024 година, поттикнати од трагедијата на железничката станица во северна Србија.

Сепак, меѓународните набљудувачи на гласањето во земјата-кандидат за членство во Европската Унија веќе во понеделникот предупредија дека за време на изборниот ден биле сведоци и на насилство и на нерегуларности.
По ваков изборен ден, клучното прашање веќе не е кој победи, туку во каква политичка фаза влегува Србија понатаму.

Тензичен изборен ден во Србија, забележени бројни инциденти, тепачки и нерегуларности

„Паѓа поддршката за Вучиќ“

Насилството беше последица на зголемената сила и решителност на опозицијата, анализира уредникот во „Балкан инсајт“, Александар Ивковиќ. Во претходните години, вели тој, локални избори во мали средини, какви што беа и овие на 29 март, обично служеа како показна вежба за неспорната доминација на СНС и на нејзините сојузници бидејќи партијата на Вучиќ беше единствениот вистински играч на терен и лесно победуваше на вакви избори. И тогаш имаше активисти на власта со сомнително минато, но тие имаа малку работа бидејќи отпорот беше минимален.

Изгледа дека тие времиња завршуваат, се вели во текстот на Ивковиќ, во неделата, на терен имаше илјадници опозициски активисти кои настојуваа да ги поддржат своите кандидати и да спречат наводни манипулации од страна на власта. Насилните инциденти беа производ на отпорот кон СНС што претходно недостасуваше во овие мали и претежно рурални општини. Иако Српската напредна партија победи во сите десет локални самоуправи, резултатите на неколку места беа тесни и, според оценките во текстот, укажуваат на пад на поддршката за власта.

Дополнително симптоматично беше тоа што претседателот Александар Вучиќ, наместо да се обрати како шеф на држава, резултатите ги соопштуваше од просториите на СНС, а листите на студентите и граѓаните ги нарече „блокадери“, се вели во анализа на „Дојче веле“ (ДВ).
Гојко Божовиќ, еден од основачите на опозициската граѓанска иницијатива „ПроГлас“, истакнува за ДВ дека најголемите инциденти беа забележани во средините со најтесни резултати.

— Претседателот на сите граѓани треба да биде тажен поради атмосферата и поради насилството што се случија за време на изборниот ден. Покрај тоа, тој постигна послаби резултати во своите традиционални упоришта. Освен што инвестираше ресурси за локалните избори како никогаш досега, сведочиме и на правилото дека најголемите инциденти беа забележани токму во средините во кои резултатите беа најтесни. Видовме дека власта не може да добие доверба ни на нерегуларни избори и дека мора да комбинира тотална пропаганда, големи пари, пораст на насилството и за првпат да им предложи на некои луѓе да не излезат на избори — вели Божовиќ.

Една од најсилните поуки од изборите, според опозициските оценки, е дека единството на студентските и на граѓанските сили носи резултати. Таму каде што имало поголема обединетост, се создала речиси референдумска атмосфера, што покажало дека постои реална желба за промени. Токму затоа, според Божовиќ, власта во тие средини беше принудена да прибегне кон уште поизразен изборен инженеринг и насилство за да спречи пораз.

ВИДЕО | Маскирани луѓе тепаа новинари и студенти, полицијата апсеше мирни граѓани: Изборите во Србија не поминаа баш во демократска атмосфера

„Се чека ставот на ЕУ“

Професорот од Факултетот за правни науки во Белград Душан Вучиќевиќ за „Н1“ изјави дека можно е овие изборни резултати да бидат максимумот во општините во кои се одржаа изборите, но дека тие не се репрезентативни за националното ниво и дека вкупните резултати можат да бидат и подобри.

— Нема големи градови, големи урбани центри, нема општини во кои опозицијата и инаку минувала подобро отколку просечно на републичко ниво. Тоа се прилично стари општини, иако Вучиќ рече дека за нив тоа биле тешки средини — вели Вучиќевиќ.

Тој смета и дека опозициската организација била подобра отколку на претходните локални избори, но дека за евентуални парламентарни избори ќе мора да биде уште посилна и подобро поставена.

Професорот укажува и на еден важен детаљ што, според него, останал речиси незабележан: Вучиќ ги претставувал резултатите според бројот на важечки, а не според вкупниот број гласови, што во корист на СНС прави разлика од околу два до три процентни поени. Притоа Вучиќевиќ вели дека резултатите треба да се читаат како трендови.

— Се чека ставот на ЕУ и на европските институции, кој можеби би можел да биде нешто поостар, не само во смисла на препораки — посочува тој.

Полицајците удираа по самарот

Меѓународните и домашните набљудувачи оценија дека локалните избори во Србија беа сериозно компромитирани од насилство, заплашување и бројни нерегуларности. Иако формално процедурите во избирачките места честопати биле според правилата, надвор од нив владеела атмосфера на страв, со групи од маскирани луѓе, инциденти и со притисоци врз гласачите.

Невладината организација „Црта“ оцени дека ваквиот процес тешко може да се нарече „вистински избори“, посочувајќи на нарушена тајност на гласањето, организирано гласање и повторени судири. Дополнително, на социјалните мрежи се појавија снимки од напади, а опозициските активисти укажуваат и на поширок изборен инженеринг, од купување гласови до фантомски гласачи и сомнителни избирачки списоци.

Посебно остри критики беа упатени кон полицијата, за која дел од опозицијата тврди дека дејствувала како сервис на власта, а не како неутрален заштитник на јавниот ред. Наместо да реагира на насилството и на нападите врз новинари и граѓани, таа, според овие оценки, ги игнорирала или прикривала.

Дали изборите, во услови на толкава нерегуларност, воопшто можат да се сметаат за вистински излез од политичката криза е прашање што останува да биде одговорено во блиската иднина. Ако во традиционалните упоришта на СНС веќе има видлив пад, тогаш уште поинтересно е што би се случило во големите градови, кои во последниот период се покажаа како главни центри на отпор кон режимот. Ако власта сè повеќе се потпира на репресија, а прашањето е колку долго може да се одржи само со такви методи.

Вучиќ вели дека разговарал со Путин: Го запознав со сојузот на Загреб, Приштина и Тирана

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот