МОЕ ЛЕТО | Каја Шукова: Кампер сум од бебе
Поранешната министерка за животна средина и актуелна кандидатка за градоначалничка на Скопје, Каја Шукова, во емисијата „Мое лето“ на „Слободен печат“, раскажува за спомените од летувањата како дете, за тоа дека и покрај многуте патувања насекаде низ светот, како работни, така и приватни, најубавиот одмор ѝ е во Грција во камп.
Препорачано
– Ние сме „кампери“. Моите родители уште од најрана возраст нè носеа мене и мојата сестра во камп на лето. Од бебе ме носеле родителите на камп во Грција. Јас сум научена на таков одмор и искрено највеќе ми одговара, па некако и на моите деца им го пренесов тој начин на одмор. Го обожавам утрото во кампот и првото испиено кафе во таква тишина, мир и спокојство. Таму каде што одиме ние, во тие кампови има многу Македонци, имам одлични комшии и многу убаво се дружиме – раскажува таа.
Шукова е во втор брак со сегашниот сопруг, открива дека тој ѝ бил младешка љубов која се остварила по две децении.
– Мојот втор сопруг е мојата прва љубов, уште од средношколските денови. Нашите патишта се разотидоа и после 20-25 години се сретнавме и започнавме да се гледаме, и двајцата оставивме зад себе неуспешни бракови. Сега сме веќе 15 години заедно. И тој има две деца од првиот брак, како и јас. Се сеќавам на почетокот кога и децата беа мали, одењето на одмор со четири деца беше вистински предизвик, моравме да најдеме најдобар начин да ги споиме, а дополнително грижата дали се сите на број во еден милионски град како Барселона, беше многу голема одговорност – вели таа.
Вечерва во 19 часот, на јутјуб-каналот на „Слободен печат“ ќе можете да ја гледате целата епизода на „Мое лето“.
Водител и автор е Александра Вуксановиќ.


