МНР нема да испрати протестна нота за скршениот македонски клуб во Благоевград, Османи вели: Доста е со „пинг-понг дебата“

„Време е да ставиме црта на пинг-понг дискусијата со Бугарија“, одговори денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи на новинарско прашање дали МНР ќе испрати протесна нота по демолирањето на новоотворениот Македонски клуб во Благоевград „Никола Вапцаров“.
Османи појасни дека земјава „ги кажала сите ставови во однос на случувањата во двете држави, свои ставови исто така стигнале и од Р. Бугарија, но време е да се стави крај на пинг-понг дебатата и вовлекување во бугарската предизборна кампања“.
„Да оставиме дипломатијата да си ја врши работата. Да ги исклучиме граѓаните од овие непотребни и вештачки кризи кои се создаваат на сметка на внатрешни динамики во едната или другата држава. Така што, барам разбирање, да ја вратиме позитивната агенда и мирот помеѓу граѓаните од двете држави и да разговараме за иднината“, изјави Османи.
Toj оценува дека доколку се продолжи со ваквата динамика на комуникација Северна Македонија само ќе биде вовлечена во вртлогот на нестабилното политичко општество и целокупниот изборен циклус во Бугарија.
Во таа насока, министерот на македонската дипломатија Османи порача дека Северна Македонија не смееме да потклекне на било какви провокации и предизвици, особено не во еден ваков клучен период за нашата земја која е во процес за отворање на преговорите со ЕУ.
„Ние не смееме да потклекнеме на таквите провокации и предизвици. Имаме скрининг којшто е во тек, имаме реформи коишто треба да ги спроведуваме и да ги оставиме граѓаните да ги изолираме и да ги поштедиме од овој немир“, потенцираше Османи.