ММФ: Кина да ја преиспита политиката „нула ковид“, која има последици врз светската економија

Фото: EPA-EFE/ALEX PLAVEVSKI

Генералната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, денеска во Берлин изјави дека е време Кина да престане да ја следи стратегијата за масовно затворање на населението за да го спречи ширењето на коронавирусот.

Во интервју за АП, како што пренесува Бета, Георгиева ја повика Кина да ја преразгледа својата „нулта ковид” политика, која го изолира секој случај на инфекција со вирусот, бидејќи таа стратегија „влијае на луѓето и економијата”.

Промената на стратегијата на Кина против коронавирусот ќе ги ублажи последиците за светската економија, која веќе се бори со висока инфлација, енергетска криза и нарушено снабдување со храна. Иако кинеските власти укинаа некои ограничувања по протестите во неколку градови, тие не навестија дека ќе се откажат од стратегијата поради која милиони жители со месеци се затворени во своите домови.

„Гледаме колку е важно да се напушти масовниот карантин. Мерките за спречување на ширењето на коронавирусот не треба да имаат значителни економски трошоци“, рече Георгиева.

Таа, исто така, ја повика Кина да ја ревидира својата политика за вакцинација и да се фокусира на вакцинирањето на „најранливите луѓе”, бидејќи ниската стапка на вакцинација на постарите лица е главната причина поради која Пекинг прибегнува кон карантин, додека појавата на поопасни варијанти го зголеми притисокот врз властите да го спречат ширењето на вирусот.

Масовното „затворање” забави сè, од патување до малопродажба во втората по големина економија во светот. ММФ очекува кинеската економија да порасне само 3,2 отсто оваа година, што е под глобалниот просек за оваа година.

Комунистичката партија презеде чекори слични со препораките на Георгиева, со тоа премина на изолирање згради или населби каде што се откриени инфекции, наместо да изолира цели градови, и направи други промени за кои вели дека се насочени кон намалување на човечкото страдање и економските трошоци, но зголемување бројот на инфекции во октомври ги поттикна кинеските власти да воведат карантини и други ограничувања, за кои што жителите сметаат дека се екстремни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот