„Мета“ и „Снепчет“ по наредба на Саудиска Арабија блокираат профили на дисиденти од земјата
Големи американски социјални мрежи, вклучувајќи ги платформите на „Мета“ – Фејсбук и Инстаграм – ги блокирале профилите на саудиски дисиденти, така што тие повеќе не се видливи во рамки на кралството, по наредба на саудиските власти, пренесува Гардијан.
Препорачано
Меѓу засегнатите се Абдула Алаудх, активист со седиште во САД и гласен критичар на кршењето на човековите права во Саудиска Арабија, како и Омар Абдулазиз, активист со седиште во Канада и Обединетото Кралство, кој тесно соработувал со Џамал Кашоги пред новинарот да биде убиен од саудиски агенти во 2018 година.
Според Американскиот комитет за права на Блискиот исток, најмалку седум профили биле блокирани од „Мета“ до крајот на април, меѓу кои и профили на двајца американски државјани и две лица со седиште во Европа.
Алаудх, кој е висок советник за политики во Комитетот, смета дека „’Мета’ практично ја врши валканата работа на Саудиска Арабија против Американци што живеат во САД“.
„Кога една компанија географски блокира профили во име на влада со документирана историја на замолчување на неистомисленици, таа станува инструмент на репресија. Мета треба да се спротивстави“, рекол тој.
„Мета“ не одговорила директно на обвинувањето за „валкана работа“, но во изјава за „Гардијан“ навела дека кога „нешто се случува“ на една од нивните платформи и е пријавено како прекршување на локален закон, но не и на сопствените стандарди на компанијата, компанијата може да ја ограничи достапноста на содржината во земјата каде што таа наводно е незаконска.
Компанијата додала дека „во поголемиот дел од случаите“ ги информира засегнатите корисници кон кои државните власти ги испратиле барањата.
„Мета“ управува со јавен „центар за транспарентност“, каде што признава дека саудиските власти ја контактирале компанијата и побарале ограничувања за вкупно 144 Инстаграм профили, Фејсбук страници и профили во текот на април. Страницата покажува и дека „Мета“ ограничила пристап до 108 „содржини“.
„Мета“ на Закерберг замолчува профили за пристап до абортус и со ЛГБТ-содржини?
Интервјуата со дел од таргетираните дисиденти сугерираат дека компаниите кон кои се обратиле саудиските власти не реагирале на ист начин.
Додека „Мета“ ги известила корисниците дека нивната содржина е блокирана поради „локално законско барање или барање од влада“, „Снепчет“ изгледа ги забавил или отстранил профилите во Саудиска Арабија — вклучувајќи и еден профил на Абдулазиз — без да ги извести сопствениците на профилите за промената.
Не е јасно колку Снепчет профили биле засегнати, а сопственикот на платформата, „Снеп Инк“, одбил да коментира.
Слично се случува и со Х
Најмалку двајца корисници на X, платформата во сопственост на Илон Маск, добиле писма со информација дека платформата примила барање од Саудиската комисија за комуникации, вселена и технологија, во кое се тврди дека нивните профили ги прекршуваат саудиските закони.
Во саудиски декрет приложен кон писмата, а во кој увид имал Гардијан, се наведува дека профилите пренесувале материјал што „го нарушува јавниот ред, религиозните вредности, јавниот морал или светоста на приватниот живот“.
X им соопштил на корисниците, меѓу кои и Абдулазиз, дека засега не презел никакви мерки против пријавената содржина, наведувајќи дека компанијата „силно верува во одбрана и почитување на гласот на своите корисници“. Потоа им препорачала на примателите да побараат правен совет доколку сакаат, или доброволно да ја избришат релевантната содржина..
Во изјава за медиумот, Абдулазиз рекоал дека ова е само „вовед во масовна пресметка на саудиската влада со опозицијата за да ја замолчи“.
„Тоа може да оди дотаму што ќе се извршат и злосторства, исто како што се случи со убиството на Џамал Кашоги“, посочил тој.
Меѓу другите таргетирани профили се и профили на лица поврзани со лондонска организација за човекови права „ALQST“. Организацијата соопштила дека барањата од Саудиска Арабија не претставуваат неутрален правен процес, туку покажуваат како авторитарната цензура може да биде претставена како процедура.
„Овие луѓе не се опасни актери, тие се луѓе што документираат злоупотреби, ја предизвикуваат државната пропаганда и им даваат глас на Саудијците во земјата кои не можат слободно да зборуваат“, изјавил Маријам Алдосари, член на управниот одбор на ALQST.
Според него, влокирањето на овие профили нема да ја заштити јавната безбедност, туку, вели тој, ќе ја заштити авторитарната моќ од јавна контрола.
„X не може да се крие зад нејасни повикувања на ‘локални законски барања’ кога тие закони рутински се користат за криминализирање на мирното несогласување. Вака се шири авторитарната цензура: преку правни известувања, притисок врз платформите и обид репресијата да се префрли на глобалните технолошки компании“, смета Алдосари.


