Фото: EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS

„Мета“ на Закерберг замолчува профили за пристап до абортус и со ЛГБТ-содржини?

„Мета“ во изминатите недели отстрани или ограничи десетици профили што им припаѓаат на организации кои обезбедуваат пристап до абортус, квир групи и организации за репродуктивно здравје, во, како што велат активистите, еден од „најголемите бранови на цензура“ на нејзините платформи во последниве години, објави „Гардијан“.

Отстранувањата и ограничувањата започнале во октомври и ги погодиле профилите на повеќе од 50 организации ширум светот на „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Вотсап“, од кои некои опслужуваат десетици илјади луѓе – што укажува на сè поизразен притисок од „Мета“ да ја ограничи содржината поврзана со репродуктивното здравје и квир заедницата на своите платформи. Многу од засегнатите организации се од Европа и од Обединетото Кралство, но забраните ги погодија и групите што работат со жени во Азија, во Латинска Америка и на Блискиот Исток.

Трамп сака да се затворат телевизиите чие известување не му се допаѓа

Организацијата „Репро анцензорд“ (Repro Uncensored), која следи дигитална цензура насочена кон движења поврзани со род, здравје и правда, соопшти дека годинава регистрирала 210 случаи на бришење профили и сериозни ограничувања, во споредба со 81 лани.

„Мета“ негира дека постои ескалација на цензурата.

„Секоја организација и поединец на нашите платформи подлежи на исти правила, а тврдењата дека спроведувањето на правилата се заснова на припадност кон одредена група или застапување се неосновани“, соопшти компанијата, додавајќи дека нејзините политики за содржини поврзани со абортус не се променети.

Активистите, пак, велат дека овие потези укажуваат оти „Мета“ го глобализира својот пристап од времето на Трамп кон прашањата за здравјето на жените и ЛГБТК+ заедницата. Претходно годинава, се појавија индикации дека „Мета“ тајно ги ограничувала („shadow-ban“) или целосно ги отстранувала профилите на организации на „Инстаграм“ и на „Фејсбук“ што им помагале на Американките да најдат апчиња за абортус. „Шедоу-бен“ е кога платформата драстично ја намалува видливоста на содржината без да го извести корисникот.

Во најновиот бран, биле блокирани телефонски линии за абортус во земји каде што абортусот е легален, забранети се квир и секс-позитивни профили во Европа, а биле отстранети и објави со дури и неексплицитни, цртани прикази на голотија.

„Во последната година, особено од новото американско претседателство, гледаме јасен пораст на бришење профили – не само во САД, туку и глобално, како ефект на бран. Ова, според моите сознанија, е еден од најголемите бранови на цензура што ги гледаме,“, изјави извршната директорка на „Репро анценорд“, Марта Димитрату.

Активистите ја обвинуваат „Мета“ дека е покровителска и незаинтересирана за дијалог, нудејќи само нејасни објаснувања зошто одредени профили биле отстранети и покажувајќи неподготвеност да се вклучи во суштинска комуникација.

„Индустријата решава чии гласови ќе бидат засилени, а чии замолчени“

Во еден мејл споделен со „Гардијан“, консултант на „Мета“ изгледа дека поканува повеќе организации за репродуктивно здравје на онлајн брифинг зад затворени врати за „предизвиците со кои се соочувате поради политиките за модерирање на содржината на ‘Мета’“. Во пораката се наведува дека средбата „нема да биде можност за критика на практиките на ‘Мета’ или за предлагање промени во политиките“.

Димитрату рече дека вакви средби се случувале и претходно и дека тие „го зацврстуваат дисбалансот на моќ што ѝ овозможува на големата технолошка индустрија да одлучува чии гласови ќе бидат засилени, а чии замолчени“.

Трамп: Левичарските телевизиски мрежи не смеат да се шират

Во друг случај, вработен во „Мета“ во приватна порака советувал засегната организација целосно да се повлече од платформата и да започне мејлинг-листа, предупредувајќи дека забраните веројатно ќе продолжат. „Мета“ соопшти дека не ја испратила таа порака.

Според Каролина Аре, истражувачка од Универзитетот Нортамбрија, неодамнешните потези на „Мета“ се дел од поширок образец, при што компанијата брише профили, а потоа понекогаш се повлекува под јавен притисок.

„Немаше да биде толкав проблем ако жалбите навистина функционираа, но не функционираат. А жалбите се основа на секој демократски правосуден систем,“ вели таа.

„Мета“ призна дека процесот на жалби станал фрустрирачки бавен, но тврди дека работи на намалување на грешките при спроведувањето на правилата.

Организации за абортус се погодени од новите забрани

Меѓу организациите погодени од ограничувањата на „Мета“ е и холандската непрофитна „Вимен хелп вимен“ (Women Help Women), која обезбедува информации за абортус за жени ширум светот, вклучително и во Бразил, Филипини и Полска. Нејзината извршна директорка Кинга Јелинска вели дека организацијата годишно обработува околу 150.000 пораки, што укажува на обемот на нејзината работа и зависноста на многу жени од дигиталните канали за добивање информации.

Фејсбук-страницата на оваа организација, активна повеќе од една деценија, во ноември за првпат била целосно забранета, иако подоцна повторно била вратена. Јелинска предупредува дека ваквите забрани можат да имаат сериозни, па дури и животозагрозувачки последици бидејќи ги туркаат жените кон несигурни и непроверени извори. Од „Мета“ добиле само кратко објаснување дека страницата не ги исполнува стандардите за лекови на рецепт, без прецизирање на конкретната објава што наводно ги прекршила правилата.

Слични проблеми имаат и други организации, како колумбиската „Jacarandas“, чија ВотсАп-линија за помош била блокирана и повторно активирана повеќепати, како и британската платформа „Секс ток арабик“, која редовно се соочува со ограничувања и „шедоу-бен“ поради содржини за сексуално и репродуктивно здравје. Нејзините претставници велат дека од „Мета“ добиваат малку информации и дека модерирањето е честопати покровителско, американско-центрирано и без чувствителност за локалниот контекст и за реалните потреби на жените и заедниците што ги опслужуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот