Мемов: Не се размислува за зголемување на старосната граница за пензионирање
Директорот на Фондот за инвалидско и пензиско осигурување (ПИОМ) Никола Мемов вели дека не предложиле до владата да се зголеми прагот за пензионирање во државава. Тој во моментов изнесува навршени 64 години старост за мажи и 62 години за жени. Мемов во интервјуто за „Радио Слободна Европа“, ја бранеше одлуката за линеарно зголемување на пензиите, со аргументи дека со тоа се штити стандардот на пензионерите.
Препорачано
Зголемувањето на старосната граница е стандардно барање коешто доаѓа континуирано од Светска банка, од ММФ и странските институции, вели Мемов.
„Треба да се истакне, и граѓаните треба да знаат дека ова усогласување се прави заради намалување на животните трошоци, односно усогласување на животните трошоци и животниот стандард со покачувањето на ценовните шокови во општеството и заради зголемување на платите во општиот сектор. Зголемувањето на пензиите значи зголемување на животниот стандард на пензионери“, рече Мемов.
Но, ако се погледнат бројките на Државниот завод за статистика за сиромаштија во Македонија, пензионерите не се во групата најсиромашни граѓани. Прва група се невработените, па неактивното население, па доаѓаат пензионерите и на крај, како најмалку сиромашни се вработените.
Во однос на состојбата во ПИОМ, Мемов порачува дека е стабилна и дека редовната исплата на пензиите не е под ризик.
„Пензионерите може да бидат спокојни дека исплата на пензии секако дека ќе биде редовна и ние ги исплаќаме пензиите редовно на први во месецот. Во буџетот за 2026 година предвидени се околу 117 милијарди денари за исплата на пензии. Меѓутоа, предвидено е и исплата на здравственото осигурување на пензионерите, исто така и транзициските, практично трошоци кон пензиските друштва во вториот столб. За таа цел, за да биде системот заокружен и одржлив, Владата ќе обезбеди околу 62 милијарди денари, тоа е околу 1 милијарда евра, трансфери кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за обезбедување навреме исплата на пензиите, на здравственото осигурување на пензионерите и транзициските трошоци кон вториот столб“,додава Мемов.
Тој потенцира и дека линеарното зголемување е за усогласување со животниот стандард. Според него тоа е исправно бидејќи цените подеднакво се покачени за сите.
Уставен суд: Нема да решаваме за линеарните зголемувања на пензиите по 2.500 денари


