Маск ѝ даде нов план на НАСА – сака да стигне пред Кина на Месечината
Американската вселенска компанија „СпејсЕкс“ на Илон Маск ѝ достави на НАСА нов, поедноставен план за враќање на човекот на Месечината.
Препорачано
Целта е, преку употреба на ракетата „Старшип“, да се забрза подготовката на мисијата и Соединетите Држави да ја задржат предноста пред Кина во новата вселенска трка, објави Политика.
„Во согласност со најновите барања на НАСА, официјално ја споделивме и ја проценуваме поедноставената архитектура на мисијата и концептот на операции, кои според нас ќе овозможат побрзо враќање на Месечината со поголема безбедност за екипажот“, наведува компанијата на својата веб-страница, пренесува „Ројтерс“.
Од последната мисија „Аполо“ во 1972 година, човечка нога не стапнала на Месечината. Сега, НАСА се соочува со сериозна конкуренција од Кина и со бројни внатрешни предизвици. „СпејсЕкс“ уште во 2021 година беше ангажиран за првите две мисии во рамки на програмата „Артемис“, додека компанијата на Џеф Безос, „Блу ориџин“, подоцна го доби договорот за следните мисии.
Сепак, според „Ројтерс“, американската агенција годинава се наоѓа под политички притисок – делумно поради загриженоста дека изведувачите не напредуваат доволно брзо, делумно поради најавите на администрацијата на претседателот Доналд Трамп за кратење на бројот на вработени, како и затоа што НАСА сè уште нема постојан администратор.
Во моментов, функцијата привремено ја извршува Шон Дафи, кој е и министер за транспорт.
Тој минатата недела во интервју изјави дека „СпејсЕкс“ доцни со развојот на „Старшип“ и најави дека НАСА ќе даде можност и на други компании да понудат побрз план за слетување на луѓе на Месечината.
Од компанијата на Маск, пак, соопштуваат дека веќе оствариле десетици клучни цели во рамки на договорот со НАСА и дека во текот на следната година ќе спроведат серија тестови, меѓу кои и долготраен пробен лет.
Еден од најважните чекори во 2026 година ќе биде демонстрацијата на сложениот процес на дополнување на гориво во вселената – технологија која досега никогаш не била изведена, но е неопходна за „Старшип“ да има доволно гориво за слетување на Месечината.
Според планот, неколку летови на „танкер“ верзии на ракетата ќе бидат потребни за да го наполнат „Старшипот“ пред мисијата. НАСА првично очекуваше овој тест да се изведе уште во 2024 година, но честите тестирања и техничките пречки го одложија развојот.
До крајот на оваа или почетокот на следната година, „СпејсЕкс“ планира да почне со лансирање на новата, унапредена верзија „Старшип В3“, дизајнирана токму за дополнување гориво во орбитата, пренесува „Танјуг“.
Компанијата наведува дека точниот термин ќе зависи од резултатите на претстојните тестови, но и летот и демонстрацијата на дополнувањето се предвидени за 2026 година.


