Маричиќ: Европско знаме на законите за коридорите за да се избегне блокадата од Левица

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ уверува дека од политички аспект Владата имала основа да стави европско знаменце на петте закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д иако од Делегацијата на ЕУ во Скопје реагираа дека во овој случај европското знеменце не е оправдано.

Според Маричиќ знамето е ставено за да успеат да ги изградат овие коридори и да се комплетира трансевропската мрежа на коридори во земјава. Ова, како што вели, им го објасниле и на преставници на ЕУ со кои се во редовна комуникација.

-Тоа што мислам дека треба отворено да си го кажеме, оваа одлука е донесена за да се заобиколи нелегитимната блокада од страна на Левица, проруска партија, анти-НАТО партија, анти-ЕУ партија која ќе направи сѐ да ги спречи коридорите кои се впишани во европските трансевропски мрежи, а треба да ги реализира американска компанија. Сметаме дека тоа е нелегитимна блокада која ние на легитимен начин со инструмент кој ни е на располагање сакаме да ја заобиколиме и за тоа имаме основа и политичка оправданост, изјави Маричиќ.

Тој додаде дека знаат оти овие закони не се усогласени со некое европско аки, но посочи дека Коридорот 8 треба да биде впишан во трансевропската мрежа на коридори на 16 мај.

Делегацијата на Европската Унија во Скопје минатата недела експресно реагираше на владината одлука петте предлог-закони за коридорите да ги испрати во Собранието со европско знаме. Во одговор на прашање од „Слободен печат“ од Делегацијата изјавија дека во овој случај не е оправдано ставањето европско знаме и дека побарале дополнителни објаснувања од власта.

„Означувањето на законите со европско знаме има за цел да помогне да се забрза интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и според тоа треба да има за цел усогласување на законодавството со законодавството и стандардите на ЕУ. Во овој случај, предлог-законите се чини дека не се однесуваат на усогласување со таквите стандарди. Ја изразивме нашата загриженост до националните власти и бараме дополнителни појаснувања“, се вели во одговорот од Делегацијата на ЕУ на нашето прашање за коментар на владината одлука.

Оттаму потсетија дека во последните извештаи на Европската комисија за Северна Македонија, нагласено е дека употребата на брзи процедури треба да се ограничи и да се применува само кога е оправдано за унапредување на реформската агенда на ЕУ.

„Таа не треба да се користи за скратување на јавните консултации или за решавање на процедуралните тешкотии во законодавниот дом“, ни одговорија од Делегацијата на ЕУ.

Маричиќ кој денеска учествуваше на панел-дискусијата за Преспа форум дијалог 2023, насловена „Патот кон 2030“ говореше и за обврските што ги има Македонија во евроинтегративниот процес, вклучувајќи ги и уставните измени. Тој очекува што поскоро да се заврши текстот на амандманите за уставните измени во работната група за да може уште овој месец да ги продискутираат и да ги проследат во Собранието.

-Очекувам што поскоро да се заврши текстот на амандманите за период од неколку денови или недели за да можеме уште овој месец да ги видиме амандманите во јавноста, да ги продискутираме и понатаму да се проследат во Собранието. Очекувам да го стигнеме рокот во ноември, но таа динамика зависи од тоа како Собранието ќе го постави календарот на уставните измени. Сметам дека треба таа процедура да се започне пред летниот распуст на Собранието, изјави Маричиќ пред почетокот на вториот панел.

Прашан дали работната група доколку има простор ќе работи и на други прашања поврзани со уставни измени или ќе се држи стриктно според протоколот со Бугарија, Маричиќ изјави дека претставникот на СЕП и претставникот на СДСМ имаат јасна насока да се држат исклучиво на тоа што го бара преговарачката рамка како тема и тоа што е неопходно за отворање на поглавјата и кластерите.

-Да не одиме пошироко, сите прашања се легитимни да бидат отворени и очекувам да ги отворат бидејќи таму има и претставници на политички партии, но мислам дека ќе има време за сите тие легитимни прашања да се разговара во иднина. Сега треба да се фокусираме на токму тоа што ни е обврска од преговарачката рамка. Не очекувам во крајниот исход да има други прашања, рече Маричиќ.

Во однос на тоа какви заложби се планираат во областа на корупцијата, имајќи ги предвид критиките дека корупцијата во државава е широко распространета, Маричиќ најави дека ќе го отвори тоа прашање пред премиерот и институциите за да се направи мини реформски план кој ќе треба до летото да го реализираат.

-Мислам дека ќе биде неопходно во наредниот период да направиме неколку чекори поврзани со засилување на политиките за борба против корупција и за зајакнување на судството бидејќи се тоа врзани работи. Кога ќе се врати премиерот од САД планирам и јас да го отворам ова прашање од аспект на европските интеграции и да направиме еден мини реформски план кој ќе треба до летото да го реализираме, а со цел токму во областите на антикорупција и владеење на право и судство да ги реализираме за да ја подобриме целосната слика, рече Маричиќ.

Што се однесува до случувањата во Судскиот совет, тој кажа дека е важно да се внимава на процедурата и на имиџот во јавноста.

-Единствена порака која сум ја упатувал до судиите и обвинителите во нашите разговори е да внимаваат на својот јавен имиџ и на својата работа бидејќи е крајно важно и јавноста да има поголема доверба во судството. Секој од нас и Владата и Судскиот совет и правосудството имаат свој дел од одговорноста и треба да ја преземат за да ја зголемиме довербата. Судскиот совет е независно тело, Владата нема намера да се меша, но треба сите да ги објаснуваат на јавноста одлуките зошто и како ги донеле, зашто само така јавноста може да има доверба во тоа што го работат, изјави Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот