Македонските одбојкари во пет сета загубија од Хрватска во Европската златна лига
Во првиот натпревар од третиот турнир во Европската златна лига во Осиек, најдобрата македонска машка одбојкарска репрезентација загуби од домаќинот Хрватска со 3:2 во сетови.
Препорачано
Првиот сет во кој имаше и најмногу поени го добија хрватските одбојкари со 33:31.
Успеавме да израмниме откако избраниците на селекторот Хари Наковски беа подобри во вториот сет со 25:17.
И третиот како во првиот сет донесе доста возбудувања и беше одлучен со два поени разлика, на крајот нашата селекција излезе како победник со 29:27 за 2:1 во сетови.
Хрватската селекција се врати во четвртиот сет кој го доби со 25:21, а во решавачкиот петти сет домаќинот славеше со 15:12, иако на стартот одржувавме минимално водство од 1:0, 2:1, 4:3, но при 6:6, противникот направи серија од 4:1, што беше клучно за крајниот исход.
Одличен во редовите на македонската репрезентација беше Н. Ѓоргиев со 35 поени, Ф. Савовски запиша 15, а В. Милев 12.
Кај Хрватите 29 поени имаше П. Дирлиќ, следен од М. Седлачек со 26.
Следниот меч Македонија ќе го има в сабота на 1 јуни против репрезентацијата на Шпанија од 19.00 часот.


