Александар Лукашенко/ Фото: Igor Kovalenko/EPA-EFE

Лукашенко ослободи 123 затвореници, меѓу кои и Нобеловец, Америка ги укина санкциите за белорускиот поташ

Белорускиот претседател Александар Лукашенко во саботата ослободи 123 затвореници, меѓу кои и добитникот на Нобеловата награда за мир Алес Бјалиацки и водечката опозициска фигура Марија Калесникава, во договор посредуван од пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, објави „Ројтерс“.

За возврат, САД се согласија да ги укинат санкциите за белорускиот поташ. Поташот, којшто калиумска сол, е клучна компонента во ѓубривата, а поранешната советска држава е еден од водечките светски производители.

Ослободувањето на затворениците е убедливо најголемото нешто што Лукашенко го направил откако администрацијата на Трамп годинава започна разговори со лидерот на Белорусија, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин.

Западните влади претходно го избегнуваа поради бруталното задушување на несогласувањето и поради поддршката за руската војна во Украина.

Пратеникот на Трамп, Џон Коул, изјави за „Ројтерс“ дека околу 1.000 преостанати политички затвореници во Белорусија би можеле да бидат ослободени, можеби и во една голема група, во наредните месеци.

„Мислам дека тоа е повеќе од можно, мислам дека е веројатно… На вистинскиот пат сме, има моментум“, рече тој.

Доколку не останат политички затвореници, повеќето санкции би можеле да бидат укинати.

„Мислам дека тоа е фер размена,“ додаде Коул.

Алес Бјалиацки, добитник на Нобеловата награда за мир во 2022 година и долгогодишен борец за човекови права, беше меѓу 123-те ослободени затвореници. Деветмина заминаа за Литванија, а 114 беа префрлени во Украина.

По повеќе од три години зад решетки, Бјалиацки пристигна во Литванија каде што се сретна со прогонетата опозициска лидерка Светлана Тихановскаја, видливо потресен, но насмеан по првата средба на слобода.

Брисел го „купува“ Лукашенко, свртувајќи го против Путин

Во изјава за „Ројтерс“, тој раскажа дека последната ноќ ја поминал во пренатрупана затворска просторија и дека сè уште се навикнува на чувството на слобода. Иако неговото ослободување предизвика олеснување и радост, Бјалиацки нагласи дека суштинските цели на борбата за човекови права не се исполнети бидејќи илјадници луѓе и натаму се зад решетки.

Норвешкиот Нобелов комитет го поздрави неговото ослободување со порака на „длабоко олеснување и искрена радост“.

Меѓу ослободените е и Марија Калесникава, една од клучните фигури на протестите во 2020 година, која беше префрлена во Украина. Таа ја опиша слободата како момент на огромна радост, додека нејзината сестра призна дека стравувала оти Калесникава можеби ќе одбие да ја напушти Белорусија.

Во поширокиот контекст, американската дипломатија гледа на ваквите ослободувања како дел од стратегија за ограничување на влијанието на Москва врз Минск, додека белоруската опозиција смета дека санкциите се покажале ефикасни и дека притисокот мора да продолжи сè додека не бидат ослободени сите политички затвореници.

Лукашенко: Ќе ги заробиме камионите на Литванците ако не ја отворат границата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот