Лош старт на ЕП, Финска сепак е подобра селекција од македонските одбојкари

Стартувавме со пораз на Европското првенство од Финска во Тампере (1:3)/Фото: facebook.com/volleyballmkd

Иако со сите мотиви да им се реваншираме на Финците за поразот на претходното Европско првенство пред две години, денеска на стартот од новиот континентален собир тоа не го реализираа избраниците на селекторот Душко Николиќ.

Во првиот натпревар од групата „Ц“ која се игра во Тампере, финската репрезентација триумфираше против Македонија со резултат 3:1 (25:20, 25:15, 24:26, 25:22).

Во текот на првиот сет имавме и четири поени предност (10:6), и наместо да се одржува таа убава позитива, им дозволивме на противниците да направат целосен пресврт. При наше водство од 15:13, ривалот направи серија од 8:2 што се покажа како клучно Финска да биде таа која ќе поведе во сетови со 1:0.

И на стартот од вториот сет ние бевме тие кои го контролиравме резултатот, овојпат нашата најголема предност изнесуваше 6:3, но повторно настапи на сцена противникот. Се држевме рамноправно до 9:9, а потоа нова серија на Финска од 6:1. Намаливме на 15:13 и потоа тешко доаѓавме до нови поени, до крајот на сетот само два постигнавме, а домаќинот дури 10 за 2:0 во сетови.

Во третиот сет обратна беше ситуацијата, домаќините доминираа од почетокот и постепено беа во позитива, имаа „плус четири“ (10:6, 12:8).

Намаливме нешто од негативата на 20:18 и кога сите можеби помисливме дека рутински Финска ќе го одработи мечот до крај, во прав момент се вративме на теренот, израмнивме на 20:20. Се играше поен за поен, а при 24:24 двапати по ред реализиравме за прв наш освоен сет на ЕП.

Во четвртиот сет одевме со намера и да израмнивме во сетови, успешно стартувавме имајќи и два поени предност (2:4), а последната наша позитива на овој меч беше 7:6.

Александар Љафтов беше еден од нашите најефикасни поентери против Финците/Фото: eurovolley.cev.eu

Одново се врати домаќинот поведувајќи со 10:7, па зголеми на 14:9, се вративме за момент израмнувајќи на 14:14. Финците беа тие кои до крајот одржуваа своја разлика, стигнавме до 23:22, но немавме сили за нов пресврт. Следуваа нови два поени на противникот за поставување на конечниот епилог.

Во победничките редови доминираше Урпо Сивула со 25 поени, а кај нашата селекција 19 поени имаше Никола Ѓорѓиев, еден помалку Александар Љафтов.

Во другите мечеви од првото коло в четврток Русија ќе игра против Турција, а Шпанија ќе ги одмери силите со Холандија. Нашиот следен настап ќе го имаме в петок против Холанѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот