Литванија експресно ја одби Белорусија за екстрадиција на Светлана Тихановскаја
Лидерката на белоруската опозиција, Светлана Тихановскаја, останува во егзил во Литванија, откако Белорусија денеска побара од оваа земја да ја екстрадира, но официјален Вилнус тоа веднаш го одби.
Белоруското обвинителство соопшти дека побарало од своите литвански колеги, врз основа на билатерален договор од 1992 година да и ја екстрадираат Тихановскаја, за дома да биде гонета „за злосторства против јавната безбедност” во врска со нејзината улога во пост-претседателското протестно движење, од август минатата година.
Шефот на литванската дипломатија, Габриелиус Ландсбергис, меѓутоа, денеска изјави дека „сите што се засолниле во Литванија можат да се чувствуваат безбедно и нема да бидат вратени во режимите што ги бараат, или поради нивната борба за демократија и слобода на изразување или поради нивните убедувања”.
-Имаме само една работа да му кажеме на белорускиот режим: побрзо ќе стане постудено во пеколот отколку што ние ќе го разгледаме вашето барање, рече Ландсбергис, јавија француските медиуми.
Тихановскаја, која се засолни во Литванија еден ден по претседателските избори на 9 август лани, пред се, за да го избегне сигурното апсење во својата земја, денеска на Твитер изрази благодарност до Литванија „не само за спротивставувањето кон режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко, туку и за испраќањето силна порака за поддршка на Белорусите”.