Легендата на „Македонски народни приказни“, Дубравка Киселички, денеска го слави 61. роденден
На денешен ден, 26 февруари, роденден прославува една од препознатливите македонски театарски, филмски и телевизиски актерки, Дубравка Киселички, родена во 1965 година во Скопје. Киселички дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1987 година, на отсекот за актерска игра, во класата на професорите Љубиша Георгиевски и Слободан Унковски.
Препорачано
Веќе од 1988 година станува дел од патувачкиот Театар „Колозов“, со кој настапува низ бројни градови во Македонија, доближувајќи ја театарската уметност до публиката од сите генерации. Денес е вработена во Театар Куманово, каде продолжува активно да твори на сцената.
На големото платно се појавува уште во средината на 80-тите години, со улоги во остварувања како „Тетовирани души“, „Случки од животот“, „Состојба пред инфаркт“ и „Пикасо“. Во текот на годините остави впечатливи улоги во серии како „Тврдокорни“, „Еурека“, „Чудовиштата во нашиот град“, „Светот има осум страни“, „Погрешно време“, „Цимери“, „Вистински приказни“, како и во бројни телевизиски филмови.

Сепак, за пошироката публика таа е особено препознатлива по своето долгогодишно учество во серијалот „Македонски народни приказни“, каде првпат се појавува во 1992 година и со години останува дел од овој култен телевизиски проект. Нејзините ликови, топли и автентични, се врежани во меморијата на гледачите и претставуваат значаен дел од македонската телевизиска традиција.
Со богата кариера што трае повеќе од четири децении, Дубравка Киселички останува доследна на сцената и публиката, градејќи улоги со посветеност, искреност и професионализам.


