Коронавирусот ги поремети плановите на олимпискиот кандидат Емил Павлов: Крајно сум разочаран

фото: Фејсбук

Емил вели дека има неофицијални информации оти квалификацискиот турнир за учество на ЛОИ ќе биде одложен. Нашиот кандидат е во врвна форма да се избори за норма, но земјаќи го предвид сево ова, иднината е несигурна

Во целиот свет се откажуваат спортските натпревари, локални и светски, не е сигурно ни одржувањето на Летните олимписки игри во Токио летово. Еден од нашите сортисти што најмногу може да жали поради несреќниот тек на настаните врзан со коронавирусот е Емил Павлов.

Нашиот каратист е близу до остварување норма за учество на ЛОИ 2020, неговите настапи на турнирите од Премиерлигата го докажаа тоа. Две злата освои Павлов во релативно краток временски рок, во Москва и во Салцбург, што доволно зборува за неговата форма.

Емил требаше да ја брка олимписката норма на квалификацискиот турнир во мај во Париз, но неофицијално, како што вели самиот тој, и овој турнир ќе се одложи.

– Имам неофицијална информација дека ќе се откаже квалификацискиот турнир во мај. Не знам дали и кога ова ќе биде официјално, но, уште отсега можам да кажам дека сум разочаран. Бев во одлична форма и максимално мотивиран, полн со самодоверба. Но, против некои работи сме немоќни да се бориме. Како за мене така и за сите. Здравјето е пред се и мораме да го почитуваме препораките од надлежните за што побргу да се реши оваа состојба – вели Павлов, еден од спортистите во кои имаме најголеми надежи за ЛОИ.

Квалификацискиот турнир најверојатно нема да се одржи, барем не во предвиденото време. Но веќе е официјално познато дека се откажани и Европското првенство (ЕП), кое требаше да се одржи од 25 до 29 март, како и двата турнира од Премиер-лигата во Рабат и во Мадрид.

– Се уште не знаеме кои ќе бидат нашите следни настапи. Според неофицијални иинформации, до јуни нема да имаме настапи. Јас тренирам во домашни услови и чекам информации како ќе се развива ситуацијата – вели Павлов. Тој имаше клупски подготовки во Пехчево минатата недела, а требаше да продолжи со репрезентацијата на завршните подготовки. Но засега ништо од тоа.

Павлов е европски првак (од 2014 и од 2018 година) и двапати носител на бронзен европски медал и освојувач на многу други трофеи и награди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот