Комисијата заврши со утринскиот состанок, нови мерки – нема да има!

Д-р Жарко Караџовски и министерот за здравство Венко Филипче / Скопје, октомври 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Комисијата за заштита на населението од заразни болести по разгледување на моменталната епидемиолошка состојба во земјава, утринава одлучила да не предложи воведување на какви било рестриктивни мерки за заштита од коронавирусот во земјава.

Како што дознава „Слободен печат“ од свои доброупатени извори во Комисијата, утринава по изложувањето на епидемиолошката состојба од страна на претседателот на Комисијата, доктор Жарко Караџовски, не се дискутирало за нови мерки и било заклучено дека главниот државен фокус треба да биде ставен на имунизацијата на населението.

И понатаму е дозволено да се организираат свадби на затворено, а мерката за носење заштитна маска важи само за затворени простории. Нема да се бара задолжителен ПЦР тест за сите што влегуваат во земјава од земји со висок ризик каде делта варијантата е рапидно распространета.

Заканата од делта варијантата на коронавирусот за земјава, ја натера Комисијата за заштита на населението од заразни болести да дискутира за моменталната епидемиолошка состојба во земјава, откако мерките комплетно беа релаксирани што допринесе за раст на бројот на заразени во земјава.

Последните анализи покажуваат дека новиот делта сој на вирусот масовно се шири кај невакцинираните во светот. Според последните информации, 84 проценти од новозаразените во Холандија не примиле вакцина, а десет отсто се вакцинирани само со една доза. Во Обединетото Кралство, две третини од заразените со делта мутацијата на коронавирусот и повеќе од половината починати, не примиле ниедна доза од вакцината. И Шпанија бележи пораст на нови случаи кај младите невакцинирани лица.

,,Овие податоци укажуваат на тоа дека за да ставиме крај на пандемијата, мора да вакцинираме што поголем број граѓани. Друг пат не постои. Вакцините се високо ефикасни и за новите соеви и единствената заштита што ја имаме“, апелираше министерот за здравство Венко Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот