Комерцијална банка лани ќарила рекордни 83,5 милиони евра, профитот ѝ се утроил од короната наваму
Комерцијална банка АД Скопје соопшти дека денес го одржала редовното годишно Акционерско собрание, на кое биле потврдени финансиските резултати кои бележат рекордна нето добивка од 82,5 милиони евра. Комерцијална лани само за данок на добивка платила околу 9 милиони евра на државата.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Одличниот финансиски резултат ѝ овозможува на банката да им исплати солидни дивиденди на акционерите, а на Собранието било одлучено годинава дивидендата, чија исплата ќе започне на 4 мај годинава, да изнесува 1.350 денари по акција.
„Поради зголемување на вкупниот капитал на Банката и на книговодствената вредност на акциите на Банката, акционерите одлучија дел од добивката во износ од 1.600,5 милиони денари (околу 25,5 милиони евра, н.з.) да се издвои во резерви. Дел од добивката во износ до 400 милиони денари (околу 6,5 милиони евра) се распределува во задржана добивка за инвестициски вложувања во 2026 година, која исто така го зголемува вкупниот капитал на Банката“, пишува во соопштението.
Собранието ги усвоило финансиските извештаи и консолидираните финансиски извештаи, Годишната сметка на Банката и Консолидираната годишна сметка на Банката за 2025 година и Годишниот извештај за работењето на Банката во 2025 година.
Комерцијална банка цела деценија (2010-2019) пријавуваше годишен нето профит од околу 17 до околѕ 25 милиони евра, со стабилен раст, покажуваат податоците на Македонската берза. Во 2020 година, кога изби кризата со коронавирусот, банката имаше значителен пад на добивката (околу 15,5 милиони евра), но веќе следната година го надмина нивото од пред пандемијата (во 2021 година пријави нето профит од околу 26 милиони евра).
Следеше период од три години во кои добивката на Комерцијална банка се зголеми за повеќе од трипати во 2022 година банката имаше нето профит од околу 35,3 милиони евра, во 2023-тата – 58,6 милиони, а во 2024 година таа пријави нето добивка од околу 80,6 милиони евра, која беше и подобрена лани, со профитот од 83,5 милиони евра.
Наглиот раст на добивката на Комерцијална банка во последните неколку години главно се должи на зголемените каматни стапки како резултат на затегнатата монетарна политика поради инфлацијата, кои значително ги зголемија приходите од кредити. Во исто време, трошоците за депозитите растеа побавно, што ја зголеми каматната маржа. Дополнително, по пандемијата се намалија резервациите за лоши пласмани, што директно ја зголеми добивката, во која придонесоа и умерениот раст на кредитирањето, како и зголемените приходи од провизии.


