Кој е „Маѓар“, човекот чии дронови го вознемирија Кремљ пред 9 Мај?
Русија годинава го одбележува 9 Мај со воена парада на Црвениот плоштад, но без тенкови и ракети, пишува „Гардијан“.
Препорачано
Причината е стравот на Кремљ од можен украински напад со дронови врз Москва, кој пред неколку дена дури и го најави украинскиот претсеадтел Володимир Зеленски. Ова се случува во момент кога Владимир Путин се обидува да ја претстави победата против Украина како неизбежна.
Во центарот на приказната е Роберт Бровди, познат како „Маѓар“, командант на украинската единица за дронови „Птиците на Маѓар“. Неговата 414-та бригада во последните месеци изведува напади длабоко во Русија, таргетирајќи пристаништа, рафинерии, фабрики за ракети и системи за воздушна одбрана.
Бровди вели дека напад врз Црвениот плоштад би имал симболична тежина, но дека Украина повеќе добива ако удира таму каде што руската одбрана е послаба, врз енергетски и воени цели надвор од Москва.
Украинските дронови неодамна го погодиле нафтениот терминал Туапсе на Црното Море четири пати за две недели, а напади имало и врз Приморск, Уст-Луга, Перм и Чељабинск, повеќе од 1.600 километри од фронтот.
Според Бровди, целта е да се ослаби руската економија и способноста на Кремљ да ја финансира војната. Тој тврди дека дроновите денес се одговорни за околу 80 проценти од уништувањата на фронтот и дека класичен блицкриг веќе е невозможен.
Украина во меѓувреме сè повеќе се претставува како „дрон-суперсила“, а Бровди предупредува дека НАТО мора побрзо да ги модернизира своите армии, бидејќи Русија нема да запре.
И покрај успесите, тој признава дека Украина е далеку од победа и дека евентуална пауза во војната само би му дала време на Путин повторно да се прегрупира.
Лавров се закани дека Русија ќе одговори безмилосно ако некој ја попречи парадата


