Кочо Анѓушев

Кочо Анѓушев немал врска со увозот на токсичен мазут, решија судии од Апелација во спорот меѓу моќникот и новинарите од ИРЛ

Апелациониот суд во Скопје денеска ја одби жалбата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и ја потврди пресудата во корист на бизнисменот и поранешен вицепремиер, Кочо Анѓушев, во спорот околу информациите изнесени во документарниот филм „Заговор против воздухот“ од 2021 година.

Анѓушев ги тужеше новинарите од ИРЛ за истражувањето во кое се наведува дека тој бил вмешан во увозот на нискоквалитетен мазут во Македонија, кој и покрај екстремното загадување што го предизвикува, се користел како гориво во низа јавни институции.

Граѓанскиот суд првично ја одби оригиналната тужба на Анѓушев како неоснована, но моќникот се жалеше и по контроверзна одлука на Апелација, судењето беше повторено, а Анѓушев го доби новиот процес, без воопшто да бидат изведени нови докази. Судијката на случајот тогаш беше дисциплински казнета од Судскиот совет поради тешка повреда – отстранување на јавноста од судницата. На таа пресуда ИРЛ потоа се жалеше, но Апелација денеска конечно ја одби жалбата. Одлуката ја соопшти судијата Суад Алиу, кој беше во судечкиот совет на второстепениот суд заедно со колешката Софија Миленкова.

Од ИРЛ велат дека Апелација со денешната одлука „им пресуди на јавниот интерес и на слободата на изразување“.

„Срамната пресуда беше јавно осудена од Советот на Европа, Амбасадите на САД и ЕУ, Меѓународната и Европската федерација на новинари, Меѓународниот прес институт, Пулицер Центарот, OCCRP, како и бројни регионални и домашни здруженија. Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници организираа јавен протест пред судот, на кој присуствуваа повеќе од сто новинари и медиумски работници во знак на солидарност. Ова е единствен случај од Европа чиј исход го следи и Одделението за глобална слобода на изразување при Универзитетот Колумбија во САД“, велат од ИРЛ.

На денешната пресуда реагираа и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), кои изразија сериозна загриженост за судскиот притисок кон независното истражувачко новинарство.

„Ваквите одлуки, како денешната на Апелација, нема да нè обесхрабрат, туку дополнително ќе нè мотивираат да застанеме зад независните медиуми и јавниот интерес“, велат новинарските здруженија во заедничкото соопштение.

Тие потсетуваат дека реагираа и во 2023 година, по пресудата на Граѓанскиот суд, бидејќи, како што велат, пресудата не навлегува во суштината на тужбата за наводна клевета, туку со неа се врши дискредитација на новинарите и на непрофитниот медиум ИРЛ, сѐ со цел да се оправда првостепената одлука.

„Во образложението на таа пресуда, која сега ја потврди и Апелација, се поставува досега невиден и опасен преседан судот и државните институции да одредуваат што е медиум, кој е новинар и кој смее да се бави со новинарска дејност“, реагираат новинарските организации.

По денешната одлука на скопска апелација, ИРЛ најави дека ќе ги искористи сите расположливи правни механизми за заштита на своите права, вклучително и поведување постапки пред надлежните судови во земјата, како и пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот