Ќе има промени во составот на Мешовитата комисија – Мицкоски бара историчари што не коленичат
Ваквиот потег на Мицкоски се очекуваше по неговите изјави дека претседателот на македонскиот дел од Комисијата, академик Драги Георгиев, „коленичел пред министерски и премиерски кабинети“, на што Георгиев во јавните настапи во изминатите денови возврати дека изјавата е полна со популизам.
Владата ќе преземе конкретни чекори во однос на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија, откако вчера премиерот Христијан Мицкоски најави дека на следната владина седница или на таа по неа ќе се знаат новите членови на македонскиот тим. Ваквиот потег на Мицкоски се очекуваше по неговите изјави дека претседателот на македонскиот дел од Комисијата, академик Драги Георгиев, „коленичел пред министерски и премиерски кабинети“.
Георгиев во јавните настапи во изминатите денови возврати дека изјавата на премиерот е полна со популизам, затоа што „премиерот се претставува себеси како познавач и заштитник на народните интереси, кој точно знае кои се тие и на кој начин треба да се бранат“. Георгиев смета дека Мицкоски ги навредил членовите на Комисијата, дополнувајќи дека „со промената на членовите ќе покаже и кои се луѓето што ќе ги одбранат“.
Препорачано
Консултации со Муцунски
За конкретизирање на имињата на новите членови на Комисијата Мицкоски рече дека ќе се консултира со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
– На следната владина седница или на таа по неа ќе се знаат новите членови на македонскиот тим од Мешовитата комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија. Деновиве очекувам да се видам со министерот за надворешни работи и надворешна трговија. Тој е сега надвор од државата, мислам дека вчера беше во Блед, денеска во Белград, а потоа оди на друго место. Кога ќе се видиме, ќе ги прецизираме. Има некои идеи, има некои размисли. Мислам дека на следната или по таа владина седница ќе помине новиот состав на Комисијата која што преговара за историските прашања со нашиот источен сосед, па и со нашиот јужен – изјави Мицкоски.
Според него, актуелниот состав на Комисијата од македонска страна не ги оправдала очекувањата и не ги штитела националните интереси.
– Г. Георгиев сум го коментирал многупати во минатото и жалам што тој самиот себе се компромитираше. Немаше потреба никој да се компромитира во изминативе години, коленичејќи пред министерски и премиерски кабинети наместо да си ја гледа работата. Но, тоа е негов избор – рече Мицкоски.
Георгиев: Kога некој што не ја познава работата…
Најодговорно тврдам дека никогаш, од ниту една страна, не дојде никаков притисок да се носи некаква одлука за сензитивни прашања. Во ниту еден случај, освен притисокот од јавноста што беше константен и негативен за работата на Комисијата, изјави Георгиев во интервју за ТВ Сител. Иако ќе се менуваат членови на Комисијата, според Георгиев, без промена на методологијата за работа на Комисијата, ќе нема резултати.
– Со ова искуство што го имаме сега, по шест години, не би се нафатил да работам во таква комисија со таква методологија. Мора да размислат и македонската и бугарската страна, доколку продолжи работата, да се смени самата методологија бидејќи ваквиот начин на работа нема да даде резултати – рече Георгиев.
Георгиев рече дека „премиерот ги навредил членовите на Комисијата, кои работеле шест-седум години, кои се академски граѓани и кои успеале да изградат свој интегритет во македонското општество без разлика на сите неаргументирани шпекулации за нивната работа“.
– Кога ќе дојде изјава дека не сме ги бранеле националните интереси, а притоа многу малку се познава работата на Комисијата, тоа е крајно некоректно и неправедно кон членовите на таа Комисија. Тие одржаа 31 средба со бугарските колеги, постојат записници. И кога некој што не ја познава работата на Комисијата ќе даде таква паушална изјава дека не сме ги бранеле интересите, тогаш тоа е навреда за тие членови на Комисијата и во крајна линија е продолжување на хајката што се води против членовите на Комисијата дека тие ги издале интересите на македонскиот народ – рече Георгиев.
Груб диктат на политиката врз историската наука, вели член на бугарскиот дел од Комисијата
Во врска со најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека ќе се менуваат членови на Мешовитата историска комисија, од бугарскиот дел од Комисијата велат дека до нив стигаат информации од медиумите, но историчарите сè уште не се сменети.
– Право на Владата на Северна Македонија е да ги определува членовите на нејзиниот дел од Мешовитата комисија, и тоа е нејзина внатрешна работа. Но, начинот на кој го прави тоа изгледа како многу груб диктат на политиката врз историската наука. Комисијата е научно-експертско, а не политичко тело. Сепак, го очекувам одржувањето на договорената средба на Комисијата во Скопје на 19-20 септември во Скопје, како и понатамошна плодна работа – вели за „Слободен печат“ член на бугарскиот дел од Комисијата.
Што се однесува до критиките од премиерот Мицкоски до македонските историчари во Комисијата, нашиот соговорник се повикува на изјава на бугарскиот историчар, професорот Топалов, кој вели: „Наместо да им даде ордени, владата ги кара и ги менува“.


