Казна за „Адриа ервејс“ поради манипулација при продажба на авиобилети

Фото: МИА

Пазарната инспекција ја казни словенечката авиокомпанија „Адриа ервејс” поради манипулирање со потрошувачите при продажба на авиокарти, пренесува „Ал Џезира Балкан”.

Инспекцијата констатира нефер деловна практика при продажба на авиобилети, бидејќи компанијата им продала билети на потрошувачите на 24 и 25 септември за летови во четврток и петок, 26 и 27 септември, иако ситуацијата беше неизвесна и авионите на „Адриа” веќе беа приземјени.

Пазарната инспекција ги советува патниците да ги следат летовите и да се одлучат за оние компании кои имаат загарантирани летови при купување на билетите.

„Адриа ервејс” во петокот соопшти дека откажува голем број летови за викенд и понеделник поради финансиски проблеми.

Претходно, во вторникот компанијата објави дека ги прекинува летовите за два дена и дека е во преговори со нови потенцијални сопственици.

Во четвртокот и петокот компанијата откажа 158 летови, со што беа погодени повеќе од 3.700 патници.

Словенија во 2016 година ја продаде „Адриа ервејс” на германскиот инвестициски фонд 4К Инвест.

Компанијата тогаш ги продаде сите авиони и користеше изнајмени за летови кон европски дестинации, како Германија, Франција, Холандија, Белгија, Австрија и кон балканските земји.

Словенечката агенција за цивилен промет ЦЦА и даде рок на компанијата до 2 октомври да го претстави својот финансиски план за да може да ја задржи дозволата за работа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот