Каратистите на Макпетрол освоија шест медали на турнирот во Тузла

На овој турнир како што се гледа од пријавите, имаше голема масовност и многу голем квалитет, посебно во сениорска конкуренција – вели најдобриот тренер за 2020 година, Заборски.

Македонскиот карате клуб Макпетрол – Скопје изминатиот викенд учествуваше на интернационалниот карате турнир кој се одржа во Босна и Херцеговина, Тузла – опен.

На турнирот земаа учество 888 натпреварувачи од 75 клубови и национални селекции од Хрватска, Србија, Црна Гора, Македонија и Босна и Херцеговина. Овој турнир се одржа во салата Мејдан, 23 пат по ред, а се одржува по повод независноста на Босна и Херцеговина.

КК Макпетрол на овој турнир настапи претежно во највозрасната сениорска конкуренција, и успеа да освои вкупно шест медали од кои три златни и три бронзени.

Најдобар впечаток секако дека оставија финалистите: Нашата најдобра сениорка за 2020 година Анѓела Мојсовска, која успеа да освои два медали на овој квалитетен турнир. Таа најнапред се закити со златниот медал во сениорска конкуренција категорија -68 кг, имаше пет победи до медалот. Подоцна во свечениот дел од турнирот Мојсовска како победник во категорија добри право за настапи и во апсолутна категорија, категорија во која имаше и парични награди од страна на организаторот, во апсолутна категорија таа го освои бронзениот медал.

Анѓела Мојсовска со два медали, златен и бронзен

Глигор Петков настапи во категоријата на -84 кг тој исто така влезе во финалето и успеа да го освои златниот медал. До златниот медал Петков успеа да победи четири спортисти, како победник во својата категорија и тој доби право да учествува во Апсолутна категорија, каде што имаше исто така забележителен настап. Глигор Петков е европски јуниорски вицепрвак и репрезентативец на Македонија.

Третиот златен медал за Макпетролскиот тим го освои репрезентативецот Стефан Стојановиќ во јуниорска конкуренција во категорија +76 кг. Бронзени медали освоија Моника Пендаровска категорија -61 кг и Марија Петровска категорија -50 кг. Забележителен настап иако останаа без освоен медал имаа спортистите Роберто Ацковски, Давид Петков и Витомир Трајковски.

Стефан Стојановиќ – златен медал во јуниорска конкуренција +76 кг

Бошко Заборски најдобриот тренер за 2020 година изјави:

– Сакам да истакнам дека многу сме задоволни од постигнатиот резултат. На овој турнир заминаа осум спортисти а успеавме да освоивме шест медали. Задоволството е поголемо бидејќи медалите се освоени во сениорска конкуренција. Овој турнир беше предвиден по планот и програмата на клубот, иако сите сме затекнати и работиме во отежнати услови поради пандемијата, ние како спортски колектив одлучивме дека мораме да продолжиме со спортски активности и направивме уште една одлична контрола за нашите репрезентативци.

На овој турнир како што се гледа од пријавите, имаше голема масовност и многу голем квалитет, посебно во сениорска конкуренција. Учеството на државите од регионот зборува дека сите многу сериозно се подготвуваат најнапред за претстојниот турнир закажан од страна на светската карате федерација во Истанбул на 12 март, но подготовките и контролите се и за Европското сениорско првенство кое е закажано во месец мај во Хрватска. Во изминатиот период сите спортисти имаа ограничен број на настапи и зато мораа да дојдат за да видат што треба да подобрат во своите техники и подготвеност. За нас е добро тоа што и Анѓела Мојсовска и Глигор Петков ќе бидат учесници на претстојниот турнир од светската карате лига кој ќе се одржи во Истанбул. Во Истанбул ќе испратиме шест сениори-ки од нашиот клуб – се зборовите на Заборски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот