Каракачанов откри детали од средбата со Заев: Има време до петок, во спротивно опциите се две!

Фото: Архива на „Слободен печат“

Иако има само неколку дена до крајот на процесот, до петок, тие имаат можност да корегираат се што во меѓувреме пропуштиле, па да видиме дали тоа ќе е доволно за почеток на преговори, изјави бугарскиот министер за одбрана, Красимир Каракачанов, за време на свеченоста при отворањето на спомен плоча посветена на револуционерот Гоце Делчев во градот Самоков, додавајќи дека го поканил да присуствува и премиерот Зоран Заев.

– Не можеа да дојдат, брзаа да се вратат во Скопје и да почнат да работат по сите предлози кои ги понудивме на заедничките средби кои траеја од десет изутрина до скоро 17 часот, вели Каракачанов. 

Според него македонските политичари сега разбрале дека Бугарија не води политика на инает, туку принципиелна политика, како и дека државата не потпаѓа под туѓи влијанија, но, како што вели, тоа го разбрале доцна.

– Што се однесува до македонската страна… Разговорот беше долг, започна во 10 часот изутрина и буквално заврши во десет минути до 17 часот, односно малку пред да тргнам за Самоков. Долго разговаравме во една навистина добра атмосфера, имавме пријателски разговор, без потреба од преведувачи, па мислам дека не разбраа. Отсега во нивни раце е да ја прилагодат нивната политика, бидејќи никогаш не е доцна, подобро доцна отколку никогаш, дополни бугарскиот министер.

Каракачанов додаде дека преговорите може да завршат на два начина, односно или добро да завршат за Бугарија и Македонија или Македонија да почека за преговори на неодредено време.

– Ние не изнудуваме. Бугарија не е кандидат за член на ЕУ, а секој кој сака да се зачлени треба да го почитува принципот на Унијата дека пред членството треба да се надминат отворените прашања со соседите. Имавме отворен, директен и пријателски разговор, а за жал до сега не сме воделе ваков разговор, но не по наша вина, заклучи Каракачанов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот