Камионџиите се селат за да добијат европски работни дозволи
Билјана Муратовска, генерална секретарка на Асоцијацијата „Макам транс“, вели дека со месеци укажуваат дека бараат ист третман како авионскиот, бродскиот и железничкиот екипаж, кои се ослободени од правилото за престој од 90 дена во рок од 180 дена во ЕУ
Македонските превознички фирми веќе се интересираат за преселба на капиталот во Словенија, Бугарија, Чешка и Полска за да им обезбедат работни дозволи на возачите и непречено да продолжат со својот бизнис, потврдува за „Слободен печат“, Билјана Муратовска, генерална секретарка на Асоцијацијата „Макам транс“. Таа додава дека доколку државата не преземе посериозни чекори, државата ќе ја напуштат и оние малку транспортери што останаа. Според неа, нема ништо од ветувањето дека овој сектор ќе биде изземен од новите правила за регистрација во ЕУ, кои стапија на сила на 12 октомври.
Препорачано
Транспортерите со месеци укажуваат дека бараат ист третман како авионскиот, бродскиот и железничкиот екипаж, кои се ослободени од правилото 90 дена во рок од 180 дена во рамките на ЕУ. Муратовска, додава дека нашите институции најверојатно ќе се свестат кога во земјава ќе се почувствува нагласен недостиг од стока, која во 96 отсто од случаите се пренесува со камиони.
Во моментот најголема побарувачка на возачи на тешки камиони и автобуси има во Германија, Франција, Полска, Луксембург и Литванија. Полска, на пример, нуди месечна плата од 1.700 до 2.540 евра месечно со спонзорирана работна виза и сместување. Во Луксембург месечната плата е од 2.500 до 3.000 евра со здравствено осигурување и бонуси, во Германија се нуди плата од 2 до 2.800 евра месечно со платена храна и пензиски план, а пак Литванија нуди плата од 1.800 до 2.300 евра, бонуси за долги релации и работна дозвола.
– Многу сме разочарани и лути од третманот не само на европските власти, туку и од нашите. Сега сите се насочени кон изборите и битката сами ја водиме. Проблемите со регистрацијата на нашите членки почнаа уште пред неколку месеци, а на европските патишта се почесто се случува да се запираат камиони полни со стока, бидејќи времето на дозволениот престој на возачот истекло, па додека компанијата да прати друг возач, натоварените камиони се оставаат каде ќе се затекнат без надзор. Тоа се огромни трошоци. Се однесуваат кон нас како случајни играчи, иако сме едни од најголемите инвеститори, но нашата инвестиција била на „тркала“. Еден камион на старо чини најмалку 70 илјади евра, а новите чинат од 150 до 200 илјади евра. Сите забораваат дека ние мора да ги менуваме возилата на 5 години, а некогаш и порано – резигнирана е Муратовска.
Генералната секретарка на „Макам транс“ е децидна дека новиот начин на регистрација е нетарифна бариера и меко воведување на визи.
– Година и пол, интензивно зборуваме на темата и ја поставуваме на секој состанок со европските претставници. Но, резултатите изостанаа. Што е ова ако не е притисок за камионџиите со своите семејства да се иселат од земјава или фирмите да го преселат капиталот. Не бараме леб преку погача. Само укажуваме дека од регулативата за престој од 90 дена, изземени се сите транспортери од железничкиот, авионскиот и поморскиот сообраќај. Според претходните анализи на ОН, годинава во светот има недостиг од 2 милиони камионџии, а со последните проекции до 2028 година оваа бројка ќе порасне за дополнителни 500 илјади камионџии – потсетува Муратовска.
И да не е новиот систем за регистрација, границите и чекањето во место го уништуваат патниот транспортен превоз. Извештајот на Светска банка покажа дека возачите на камиони непотребно губат 26 милиони часа (речиси 3.000 години) чекајќи на граничните премини на земјите од Западен Балкан, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Македонија, Косово и Албанија.
Доколку ЕУ не дозволи еднаков третман на превозниците од БиХ, тие нема да имаат поврат на ДДВ ниту во БиХ
Министерот за финансии и трезор на БиХ, Срѓан Амиџиќ, изјави дека побарале од министерствата за финансии на Словенија, Италија, Шпанија, Полска, Унгарија и Грција превозниците од БиХ во тие земји да имаат ист третман кога станува збор за поврат на ДДВ, како што имаат превозниците од тие земји во БиХ.
„Нашата цел не е да ги укинеме повратите на ДДВ за овие превозници, туку нашата цел е нашите превозници да ги добијат истите права во своите земји“, рече Амиџиќ, објави Кликс.ба.
Дополнителен проблем е 12 октомври, денот кога „се спуштила челичната завеса“ за превозниците бидејќи почна да функционира новиот систем за управување со границите на ЕУ.
„Ова го дочекавме со голема вознемиреност. Ако нешто не се промени, тоа ќе биде голем удар не само за превозниците, туку и за целата економија“, рече Велибор Пеулиќ, главен координатор на „Логистика БИХ“.


