Фото: Скриншот/Јутјуб

ВИДЕО | Како настана „Do They Know It’s Christmas“ и зошто песната сѐ уште предизвикува критики четири децении подоцна?

Во 1984 година Етиопија беше погодена од разорна суша која уништи речиси сѐ што можеше да се пожнее. Околу осум милиони луѓе се соочија со глад, а бројот на жртвите, кој во еден момент престана да се брои, се проценува на меѓу половина милион и еден милион загинати. Сликите на изнемоштени семејства и деца ја потресоа светската јавност и предизвикаа историски бран на донации. Моќна улога имаше и репортажата на Би-би-си, снимена во самата Етиопија.

Меѓу гледачите бил и британскиот музичар Боб Гелдоф, кој веднаш решил да преземе акција. Заедно со Мич Јур, пејач на групата „Ултравокс“, формирале „супергрупа“ составена од најголемите музички имиња од Британија, со цел да создадат хуманитарна песна за жртвите од гладот.

Снимањето почнало на 25 ноември 1984 година, а само неколку дена подоцна синглот „Do They Know It’s Christmas“ веќе се продавал во продавниците. Песната беше проследена со видеоспот во кој се појавија сите учесници.

Листата на музичари беше невидена за тоа време: Стинг, Бој Џорџ, Џорџ Мајкл, Фил Колинс, Ани Ленокс, „Дуран Дуран“, „Спандау балет“, „Ју ту“, „Бананарама“ и уште многу други. Песната стана огромен хит и за Божиќ беше број еден во бројни земји, меѓу кои и Германија.

Успехот во Европа ги инспирирал и американските музичари. Хари Белафонте ја презел идејата од Гелдоф, сметајќи дека Афроамериканците исто така мора да придонесат во помошта за Африка.

Така во јануари 1985 година настанала песната „We Are the World“, создадена од Лајонел Ричи, Мајкл Џексон и Квинси Џонс. Ангажирани биле најголемите музички ѕвезди во САД – не само Афроамериканци. Пееле Стиви Вондер, Тина Тарнер, Брус Спрингстин, Синди Лопер, Боб Дилан, Дијана Рос, Дион Ворвик, Вили Нелсон и многу други. Гелдоф присуствувал на снимањето и ги информирал музичарите за ситуацијата во Африка по посетата на Етиопија.

И покрај огромниот хуманитарен ефект и милионските донации, проектот бил изложен на критики од самиот почеток. Најмногу се истакнувал стихот „Знаат ли дека е Божиќ?“, за кој многумина укажувале дека е некултурна и погрешна претпоставка, бидејќи Етиопија ја има една од најстарите христијански традиции во светот.

Критичарите велеле дека текстот рефлектира западен, колонијалистички поглед и создава впечаток дека африканските држави не можат да се развијат без помош од Западот. Еден од авторите, Мич Јур, ги отфрли овие забелешки, нагласувајќи дека најважен бил ефектот – повеќе од осум милиони фунти собрани за Етиопија.

„Do They Know It’s Christmas“ беше преработувана неколку пати – во 2004, 2014 и 2024 година, секогаш со нови генерации звезди од британската и ирската сцена.

Во 2014 година Гелдоф ја активираше песната за поддршка на жртвите од ебола, со нови, адаптирани стихови.

Но, тогаш настана нова полемика: музичарот Фјуз О-Ди-Џи (британско-гански уметник) јавно одби да учествува, предупредувајќи дека ваквите песни ја одржуваат негативната слика за Африка и ги поттикнуваат старите стереотипи.

„Како Африканци, не сакаме други да ја раскажуваат нашата приказна“, напиша тој.

Ед Ширан, кој учествуваше во верзијата од 2014 година, сега застана на истата позиција: повеќе не сака неговото име да се поврзува со проекти кои го поедноставуваат или погрешно претставуваат африканскиот континент. Ширан порача дека би ја одбил поканата за учество во најновото издание, иако песната веќе е завршена со спојување елементи од сите претходни верзии.

И покрај полемиките, Боб Гелдоф останува цврсто на ставот дека проектот спасил животи.

„Оваа мала поп-песна одржа стотици илјади, ако не и милиони луѓе во живот“, изјави тој за новозеландската телевизија „Ван њуз“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот