Како ќе изгледа баражот за Мундијалот од кој „рисовите“ ги дели триумф над Исланд

Фудбалерите со победа над Исланд в недела ќе обезбедат пласман во баражот за СП 2022 година/ фото: ФФМ

Фудбалската репрезентација на Македонија во убедливиот вчерашен триумф над Ерменија од 0:5 се наоѓа пред нов огромен успех, една победа ја дели од пласманот во баражот за СП 2022 година.

Фудбалерите со триумфот над Ерменија, но и ремито на Романија против Исланд, на едно коло до крајот на мундијалските квалификации се искачија на второто место на табелата во групата Ј и се доведоа во позиција „сами да си ја кројат судбината“ .

„Рисовите“ в недела со евентуален триумф над Исланд на Националната Арена „Тодор Проески“ ќе го освојат второто место и ќе обезбедат пласман во баражот преку кој ќе се одредат последните три европски патници на Мундијалот во Катар. Овој пат, баражот нема да се игра според традиционалниот систем „дома-гости“ туку ќе се игра турнирски.

Во баражот ќе учествуваат 12 репрезентации, десетте второпласирани селекции од мундијалските квалификации како и двете селекции кои победија во групите во Лигата на нации, но кои во квалификациите не се на првите две места во табелата.

Репрезентациите кои ќе играат во баражот ќе бидат сместени во три групи со по четири репрезентации и ќе бидат поделени на носители и неносители.

Поделбата ќе се врши по основ на успехот во квалификациите и речиси сигурно е дека Македонија ќе биде во групата на неносители, и ќе се игра по систем на елиминации , односно со ждрепка ќе бидат одредени полуфиналните двојки, а потоа победникот во финалната пресметка од секоја група ќе обезбеди пласман на Светското првенство во Катар. На ваков начин Македонија обезбеди пласман на Евро 2020, фудбалерите во баражот прво го совладаа Косово, а потоа во финалето беа подобри од Грузија.

Како што стојат работите досега во квалификациите, сигурно е дека Шкотска и Полска ќе го освојат второто место во своите групи, Австрија и Велс ќе дојдат од Лигата на нации, додека останатите второпласирани селекции се Србија, Шведска, Хрватска, Швајцарија, Чешка, Норвешка, Македонија и Украина. Во последните натпревари можни се промени на табелата, па така Србија доколку ја совлада Португалија во Лисабон ќе го освои првото место во групата, додека Хрватска со триумф над Русија исто така ќе се искачи на врвот на табелата.

Ждрепката за одредување на групите и полуфиналните двојки ќе се одржи на 26 ноември, додека натпреварите е предвидено да се играат на 24/25 и 28/29 март 2022 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот