Јаневска: Поништени се осум спорни дипломи на Филозофски и две на Славјански универзитет, случаите се пријавени во Обвинителство
Министерството за образование и наука (МОН) започна процедура за поништување дипломи на Филозофскиот факултет при УКИМ и на Славјанскиот универзитет поради констатирани сериозни неправилности, потврди министерката Весна Јаневска. Случаите веќе се пријавени во Јавното обвинителство за понатамошно постапување.
Препорачано
На Филозофски факултет Министерството поништува осум дипломи на веќе поништени осум уписи. Како што рече Јаневска, станува збор за вкупно 17 студенти.
Дел од студентите биле запишани на втор циклус и веќе дипломирале, додека другите го продолжиле образованието на трет циклус студии.
„Факултетот има обврска да поништи уште едно преостанато уверение, по што МОН ќе ги поништи документите за сите осум студенти“, соопшти министерката.
Вториот случај се однесува на приватниот универзитет каде се поништени две дипломи на еден студент. Според министерката, студентот истовремено студирал на додипломски и на постдипломски студии и постои сериозно сомнение за фалсификат и на двете дипломи.
Министерката нагласи дека МОН постапува строго според законските одредби и не прави разлика меѓу државните и приватните високообразовни установи.
„Информациите за поништените дипломи денеска ќе бидат официјално објавени во дневните весници и на веб-страницата на Министерството за образование и наука“, посочи таа.
Ова доаѓа откако беа актуелни случувањата на Филозофскиот факултет при УКИМ каде што е утврдено дека од 2019 година факултетот противзаконски запишувал студенти на магистерски и докторски студии, иако тие претходно завршиле тригодишни стручни студии, што законски не им дозволувало влез во академскиот систем на втор и трет циклус.
Порталот МКД.мк, кој прв пишуваше за случајот, објави и писмо од засегнатите студенти. Според студентите, тие се запишале на магистерски и докторски студии почитувајќи ги сите процедури на кои им укажувале службите на факултетот.
Толкувањата на Законот за високо образование и на Правилникот на УКИМ за запишување во прв и втор циклус не е наша работа, сметаат студентите.
„За тоа се одговорни службите, деканите, продеканите за настава, членовите на комисиите… Тие требале да им кажат за тоа кој и како согласно чл. 5 од Правилникот за условите за запишување на втор циклус студии, можат да се запишат на академски студиски програми од втор циклус – не само лица кои завршиле прв циклус академски студии, туку и лица кои завршиле стручни студии при што факултетот има право, доколку е потребно, да пропише полагање на диференцијални испити во согласност со студиската програма. Правилникот предвидува дека единиците на универзитетот имаат автономно право да ги утврдат конкретните услови за запишување, кои се утврдуваат во конкурсот за запишување студенти. Оттука произлегува дека запишувањето на кандидати со завршени стручни студии на академски студиски програми од втор циклус не претставува исклучок или неправилност, туку можност која е предвидена со правилникот, при што одговорноста за утврдување на условите и критериумите за запишување е во надлежност на самата високообразовна установа“, стои меѓу другото во писмото на студентите.


