Историски успех на Радукану: Преку квалификациите до титулата на УС Опен
Британската тенисерка Ема Радукану е сензационална шампионка на УС Опен откако во финалето на тинејџерките беше поуспешна од Лејла Фернандез со 6:4,6:3.
Радукану стана првата тенисерка во историјата на УС Опен и во машка и во женска конкуренција која успеала преку квалификациите да дојде до големото финале и да ја освои титулата.
Исто така, Радукану стана првата британска тенисерка по Вирџинија Вејд од 1968 година која ја освоила титулата на УС Опен.
Двете тинејџерки во финалето прикажаа голема борба на „Артур Еш“ стадионот, но Ема Радукану беше посилна, поконцентрирана, поупорна и похрабра во клучните моменти и на крајот успеа да дојде до титулата и да испише историја. Радукану во квалификациите и на главниот жреп на УС Опен не загуби ниту еден сет во сите 10 мечеви.
Во првиот сет, прва која направи брејк беше Радукану која поведе со 2:0. Но, веќе во следниот гем кој траеше дури шест минути Фернандез успеа да направи ри-брејк и да се врати во игра. Потоа двете тенисерки беа сигурни на свој сервис се до десеттиот гем кога Радукану повторно направи брејк и тоа значеше водство од 1:0 во сетови.
Во вториот сет, Фернандез прва се закани и го одзеде сервисот на противничката за водство од 1:2, но во следниот гем беше виден рибрејк со кој се врати резултатската неизвеснот.
Одлучувачкиот момент за Радукану беше во шестиот гем кога направи нов брејк за водство од 4:2. Веќе во наредниот гем Британката имаше две меч топки кои не ги искористи, но затоа на свој сервис беше сигурна, прво спаси две брејк топки за потоа првата меч топка да ја искористи и да стане нова грен слем шампионка.