Историја на Ѓоковиќ, триумф на Вимблдон за 20. грен слем титула

Фото: EPA-EFE/NEIL HALL

Новак Ѓоковиќ оствари нов историски успех, ја одбрани титулата од 2019 година и по шести пат триумфира на Вимблдон откако во финалето во четири сета го совлада Италијанецот Матео Беретини и тоа со 6:7,6:4,6:4,6:3. Ова воедно беше и 20. грен слем титула во кариерата за Ѓоковиќ со што се израмни со Рафаел Надал и Рожер Федерер на вечната листа на тенисери со највеќе титули на грен слем турнирите.

EPA-EFE/Peter Nicholls

На стартот од мечот, Ѓоковиќ имаше мали проблеми на свој сервис, му дозволи една брејк топка на Беретини, но успеа да се извлече. Србинот прв дојде до брејк во првиот сет, поведе со 3:1 и предноста ја одржуваше до деветтиот гем. Во тие моменти, Ѓоковиќ сервираше за водство од 1:0 во сетови, но Беретини успеа да направи брејк и сетот да го однесе во тај-брејкот. Во него Италијалецот поведе со 3:0, Ѓоковиќ дојде до израмнување на 3:3, но потоа направи грешка на свој поен што Беретини ја искористи за да го триумфира со 7:4, а тоа значеше и освојување на првиот сет.

EPA-EFE/VICKIE FLORES

Во вториот сет, фантастична игра на Ѓоковиќ со која покажа зошто е главен фаворит за трофејот, направи два брејка и поведе со 4:0. Беретини успеа да врати еден брејк, но не можеше да го запре налетот на Ѓоковиќ кој го освои сетот со 6:4.

И во третиот сет, Новак Ѓоковиќ прв прави брејк, поведе со 2:1 во гемови и со сигурен сервис успеа да ја зачува предноста за 6:4 и водство од 2:1 во сетови.
Четвртиот сет не беше воопшто поразличен од претходните, Ѓоковиќ повторно направи брејк во седмиот гем за водство од 4:3 и предноста ја зачува до крајот за нова шеста титула на Вимблдон и вкупно 20 грен слем титула во кариерата.

Видео на денот