Парите од ИПАРД се одмрзнати, Брисел даде зелено светло исплатите да продолжат

По неколкумесечна блокада поради злоупотреба, средствата од ИПАРД програмата повторно стануваат достапни за земјоделците во Македонија, со најави за исплата на доспеаните средства и нови јавни повици во наредниот период.

Средствата од ИПАРД-програмата повторно им се ставени на располагање на земјоделците во Македонија, откако од Брисел пристигнало официјално известување за продолжување на исплатите и активностите во рамки на програмата. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, изјави дека процесот се нормализира и дека земјоделците не треба да бидат загрижени.

-Добивме официјално известување од Брисел дека се продолжува со процесот на искористување на средствата од ИПАРД-програмата, односно ќе продолжи исплатата на сите доспеани квартали, а во наредниот период ќе има и нови објави – изјави Трипуновски.

Тој додаде дека институциите ја направиле потребната работа во рамки на нивните надлежности со цел да се овозможи продолжување на програмата и поддршка за модернизација на македонското земјоделство.
Одлуката за продолжување на исплатите доаѓа по неколкумесечна пауза во користењето на ИПАРД-средствата, која следеше по откривање на сериозна злоупотреба. Пред околу три месеци, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против повеќе лица поврзани со злоупотреба на европски земјоделски фондови. Случајот опфаќа управител на приватна фирма и четворица службеници од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Според обвинението, управителот аплицирал за ИПАРД-средства и покрај тоа што фирмата не ги исполнувала условите и била слабо рангирана. За да влијае врз одлуката, тој во повеќе наврати нудел и давал мито, вклучително и ветување од 50.000 евра за едно раководно лице, како и по 5.000 евра за тројца службеници. Обвинителството утврдило дека дел од службениците прифатиле нецелосна документација, направиле неправилни пресметки и одобриле финансиска поддршка што не смеела да биде доделена. Еден од нив дури го потпишал решението и покрај свесноста дека постапката е незаконска.

Управител на фирма нудел 50.000 евра мито за пари од ИПАРД, четворица службеници обвинети за поткуп

За седум години, 100 милиони евра

Во рамки на новата ИПАРД III-програма (2021–2027), Македонија има на располагање околу 100 милиони евра. Овие средства не се доделуваат одеднаш, туку преку јавни повици кои се објавуваат периодично, најчесто со вредност од 20 до 40 милиони евра годишно, зависно од мерките и интересот. ИПАРД-средствата може да се искористат за широк спектар на инвестиции. Најголем дел од апликациите традиционално се однесуваат на модернизација на земјоделските стопанства. Тоа значи купување трактори, механизација, системи за наводнување, изградба на фарми, штали или оранжерии.

Покрај примарното производство, програмата овозможува и инвестиции во преработка на храна. Така, заинтересираните можат да отворат млекарници, винарии или мали фабрики за преработка на овошје и зеленчук, со што се создава додадена вредност и се отвораат нови можности за извоз. Сè поголем интерес има и за мерките за рурален туризам. Со помош на европските фондови, граѓаните можат да изградат апартмани, етно куќи, ресторани или да започнат мал бизнис во рурална средина. Оваа мерка се смета за клучна во борбата против иселувањето од селата.
ИПАРД нуди дополнителни поволности за младите земјоделци, кои можат да добијат повисок процент на финансирање и посебни грантови за започнување бизнис. Воедно, програмата ги поддржува и инвестициите во екологија како што се соларни панели, органско производство и технологии за заштеда на вода. Целта е да се создаде одржливо земјоделство кое ќе може да одговори на климатските предизвици и европските стандарди.

Една од најголемите предности на ИПАРД е високиот степен на кофинансирање. Вообичаено, програмата покрива од 50 до 70 проценти од инвестицијата, додека максималниот износ што може да се добие достигнува и до 600.000 евра по проект. Сепак, постои и значаен услов, апликантите прво треба сами да ја реализираат инвестицијата, а средствата ги добиваат по нејзиното завршување. Токму ова е една од главните пречки за многу мали земјоделци, кои немаат доволно почетен капитал. Иако интересот за ИПАРД расте, експертите предупредуваат дека процедурите сè уште се сложени. Подготовката на проект, документацијата и административните барања често претставуваат пречка, особено за помалите апликанти.

Фармерите бараат сериозна истрага и санкции за скандалот со ИПАРД 3:„Земавме кредити за нова механизација и погони и сега мора да отплаќаме рати“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот